Камиони на граничен премин Табановце/ Фото: „Слободен печат“' - Драган Митрески

Професионалните возачи бараат подолг престој во рамките на Шенген

Во моментот со правилата на ЕУ, на државјаните на трети земји меѓу кои е и Македонија, вклучително и на транспортерите, им е дозволен престој од 90 дена во период од 180 дена, па затоа се бара помош од владите во регионот да лобираат за исклучување на професионалните возачи од тој систем

Балканските превозници бараат од нивните министерства за надворешни работи и за транспорт, заеднички да лобираат во Брисел за итна промена и ослободување на професионалните возачи од ограничените денови на престој на териториите на Шенген зоната. Во моментот со правилата на ЕУ, на државјаните на трети земји, вклучително и на транспортерите, им е дозволен престој од 90 дена во период од 180 дена.

Професионалните возачи од Македонија, Србија, Албанија, БиХ, Косово и Турција сметаат дека е потребно да се направи исклучок од правилата, како што постои за пилотите и за железничарите, а сето тоа би било во интерес на развојот на економијата. Возачите не престојуваат во рамките на шенгенските граници, туку само вршат дејност, вели за „Слободен печат“ Билјана Муратовска, генерална секретарка на Асоцијацијата „Макам транс“. Според Муратовска, добра можност за темата да се стави на маса, бил Самитот на шефови на влади во рамките на Берлинскиот процес.

– Одложувањето на системот ЕЕС беше добредојдено и тоа ни влева надеж дека европските институции би можеле да го одобрат нашето барање. Ние немаме проблеми со ЕЕС, што подразбира скенирање на пасошите, туку со контролите што ќе покажат дали возачите престојувале ден, два или три повеќе од дозволените 90 дена. Тоа ќе влезе во системот и кога ќе почне да се имплементира втората фаза, односно т.н. ЕТИАС системот, пречекорувањата ќе им создадат проблеми на возачите и тие во иднина ќе бидат неподобни за влез во ЕУ – објаснува Муратовска.

Деловното здружение на товарни превозници на Србија „Меѓународен транспорт“, оцени дека воведувањето електронска контрола на дозволениот број денови престој во ЕЕС, што ќе претставува единствена контрола во сите споменати земји и која многу побрзо и поефикасно ќе го замени рачното броење на печатите во пасошите на возачите, ќе ги елиминира возачите на товарните возила поради пречекорување на деновите на престој и ќе доведе до забрана за влез на териториите на тие земји за речиси сите возачи, објави Политика рс. Од Здружението потсетија и дека економијата на ЕУ во голема мера се потпира на нејзините производствени капацитети лоцирани во трети земји како Србија, Турција, Македонија, Албанија, Црна Гора, а стоките, суровини, делови за автомобилската индустрија се транспортираат со камиони и возачи од тие земји.

– Недостигот од професионални возачи во патниот транспорт веќе постои во голема мера, со воведувањето на овој систем ќе кулминира уште повеќе, а во период од четири до шест месеци речиси и да нема возачи што ќе можат да превезуваат стока и со тоа ќе запре патниот транспорт на стока – предупредија од Здружението.

Со оваа констатација се согласуваат и од „Макам транс“, предвидувајќи дека воведувањето електронска контрола на преминувањето на шенгенската граница, ќе влијае врз транспортната економија на третите земји, вклучително и на Македонија, што ќе создаде проблем во товарниот транспорт и во синџирите на снабдување.

– И онака немаме доволно возачи, а новите европски правила ќе го зголемат дефицит на транспортните капацитети. Тоа ќе предизвика ново зголемување на цените на производите, па затоа и бараме помош од нашите влади за исклучување на професионалните возачи од тој систем. Нашите српски колеги размислуваа своето право на работа да го побараат и со блокирање на товарниот сообраќај кон земјите од ЕУ – додава Муратовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот