SP / Zoran Dimovski

Проектот за автопатските коридори е полн со неправилности, утврдила државната ревизија

Државниот завод за ревизија (ДЗР) констатирал бројни неправилности во проектот за изградба на автопатските коридорите 8 и 10Д низ земјава – ова е заклучокот од ревизијата на проектот што ја спровел Државниот завод за ревизија. Контроверзниот проект претходната влада го „истурка“ преку изгласување посебен закон, откако реши автопатиштата да се платат со пари од буџетот, а проектот да му го додели на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Првото нешто што го констатирале ревизорите е фактот дека нема основен проект и техничка спецификација за Коридорот 8 и 10Д, што значи дека проектирањето ќе се врши во текот на изградбата. Иако индикативната вредност на Комитетот за транспорт беше проценета на 585 милиони евра, во постигнатиот договор вредноста на проектот е милијарда и 319 милиони евра.

„Во однос на направената проценка, потенцираме дека во списокот овие два проекта се оценети како недобро мерени, недостига комплетна документација за почеток на градба, односно беше истакнато дека беа потребни 24 месеци за комплетирање на документацијата“, пишува во извештајот на ДЗР.

Во овој случај се поставува прашањето зошто на крајот на 2023 година се префрлени 200 милиони евра, од кои 150 милиони евра или 72 отсто од вкупните трошоци се исплатени за „Воспоставување и управување“ со проектот. Што се управуваше со овие 150 милиони евра уште пред да почне изградбата, без да се реши целосно експропријацијата на земјиштето? Ревизорот констатирал дека и покрај милионите кои легнаа на сметката на Бехтел и Енка, до крајот на минатата година е завршена само 0,12% од изградбата, што значи дека од почеток има отстапување од планираното за реализација на автопатските коридори, пренесува „Алсат“.

„Само 53 отсто од експропријацијата се завршени, а геотехничките испитувања достигнаа 33 отсто. Ваквата состојба на реализација на проектот за коридорите во оваа форма, без подготвена техничка документација од која треба да се утврди проценетата вредност, може да донесе големи фискални ризици и компликации во буџетот и јавните средства“, велат државните ревизори.

Бидејќи стандардот ФИДИК не бил почитуван според ревизијата ризикот што може да произлезе од проектирањето во овој случај паѓа на работодавачот, а не на изведувачот. На ова предупреди и Меѓународниот монетарен фонд.

Бидејќи проектот се заснова на посебен закон, нема можност за користење грантови од други извори како што се оние од ЕУ. Премиерот Христијан Мицкоски на јавниот повик за назначување на оператор кој ќе ги изведува работите, а потоа и на јавниот повик за надзорници на работите, изјави дека со неговото доаѓање на власт ќе се преиспитаат проектите за можна злоупотреба. Министерот за транспорт и врски Александар Николовски по стапувањето на функцијата изјави дека не се исклучува можноста за законски измени. Во однос на експропријациите, експоненти на власта во неколку наврати изјавија дека постојат силни докази дека поранешни функционери и членови на семејства и роднини на поранешната власт купиле имоти долж трасата на Коридор 8 и 10 г, за потоа да ги продадат по многу повисоки цени. Неофицијално, за овие индиции, Обвинителството за организиран криминал и корупција покренало предистражни постапки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот