
Проектот „Реминисценции“ на визуелниот уметник Страхил Петровски ќе биде претставен во Париз
Мултимедијалниот и визуелен уметник Страхил Петровски во текот на јуни ќе има две значајни интернационални претставувања. Од 4 до 14 јуни во „Апстракт проџект галери“ во Париз тој ќе се претстави со проектот „Реминисценции“, кој е составен од серија дела работени во изминатата година (слики и дела на хартија работени во комбинирана техника и поставени како просторна инсталација).
Препорачано
Во втората половина на месецот, од 21 до 26 јуни Петровски ќе учествува на „Alrowad International Art Symposium 2025“ во Јордан. Тој ќе биде единствен претставник од Македонија, а ќе патува по покана од Министерството за култура на Јордан.
Во однос на проектот „Реминисценции“, кустосот и историчар на уметноста Сандра Деспотовиќ истакнува дека „изложбата ја означува најновата ера во креативните дела на Страхил Петровски, ера на големи индустриски хартии (530 x 83см) и слики со помали димензии работени во комбинирана техника на платно кои одново наоѓаат дополнително и подлабоко значење во секој нов простор“.
– Три бои, бои што не се бои, најчесто користени во античките мозаици, ја красат индустриската хартија и сликите на платно. Преку чистотата на белата боја, црвената тула на исушената крв, ’рѓа и земја, и најтемната црна боја, тие започнуваат ново патување заедно, во бојата на светлината, бојата на земјата, во боите на празнината. Кога гледаме – кога навистина ги гледаме/перципираме или „слушаме“ делата на Страхил, тие пеат индустриски и/или прогресивен рок. Мелодијата на светлината и празнината, изразена преку трансценденталните звуци на бендови како „Тул“ (Tool), „Најн инч нејлс“ (Nine Inch Nails) и „Џој дивижн“ (Joy Division), открива одраз на современиот свет закотвен во борбите со идентитетот и значењето… Творештвото на Страхил Петровски ги гледа нашите општества потопени во корупција и директно, без коцка шеќер, го демистифицира секој нефункционален аспект – истакнува Деспотовиќ.

Страхил Петровски (1974, Куманово) дипломирал и магистрирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во класата на професорот Родољуб Анастасов. Тој е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници.
Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 283, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 31.05.-01.06.2025)