Проект на Британски совет: „Осмисли звук“ е редок настан за младите филмски композитори

Музичкиот композитор и продуцент Мартин Данчев од Скопје беше еден од учесниците во програмата „Осмисли звук“ (Envision Sound), која беше наменета за млади филмски композитори, а организирана од Британскиот совет во Украина.

Самостојниот артист и дипломиран соло-пејач на ФМУ во Скопје, Мартин Данчев, веќе пет години работи како музички композитор и продуцент на музика наменета за рекламни кампањи, документарни или кратки филмови, како и на амбиентална музика.

За повикот за учество во проектот „Осмисли звук“ на Британскиот совет дознал преку пријател, кој му посочил линк со детали од програмата. Откако бил селектиран за учество почнал со анализа и пишување на музиката, односно подготовка на материјалот според филмот кој му бил доделен за работа.

– Отсекогаш ме фасцинирала добрата филмска музика, а честопати се пронаоѓам себеси како ја анализирам. Многу одамна ја имам желбата да работам на долгометражен филм како композитор, така што немаше многу двоумење кога дознав за програмата „Осмисли звук“. Тоа е сериозна и квалитетна програма, организирана од „Довженко Центар“ и Британски совет во Украина, која обучува композитори со претходно професионално искуство, под кое се подразбира одлично познавање на техники за пишување на музичка композиција, познавање на музички инструменти, како и теоретско познавање на музиката, за пишување филмска музика – посочи Данчев.

Македонскиот композитор е еден од неколкуте учесници што добија награда во Киев

Реализацијата на проектот се случила во јануари годинава, а на македонскиот учесник му била дадена задача да напише музика за фрагмент од украинскиот нем филм „Кварт од предградието“ од 1929 година.

– Програмата овозможи оркестарската музиката што ја напишав за филмскиот фрагмент да ја снимам во живо со Киевскиот симфониски оркестар. Паралелно имавме работилници со европски филмски експерти (професионалци од разни полиња во филмската индустрија), почнувајќи од саунд дизајнери, до композитори и режисери, односно луѓе веќе докажани во твоите полиња со големо искуство зад нив.

Еден од најголемите бенефити, освен знаењето кое го стекнав, се луѓето што ги запознав. Разговорите со луѓе што се занимаваат со иста или слична професија на мојата, но секој со различно искуство и позадина зад себе, се бесценети! Меѓу другото, тоа се и контакти што можат да ви донесат соработки од нови размери. Оваа програма е еден редок квалитетен настан што не толку често може да се најде во денешно време – објасни Данчев.

Групна фотографија на учесниците во проектот „Осмисли звук“ во Киев, Украина

Во програмата „Осмисли звук“ во Киев учествувале девет композитори од шест држави. Македонскиот композитор е еден од неколкуте учесници што добија награда, а веќе добил покана да напише музика за долгометражен украински нем филм, кој би бил прикажан на фестивали во Одеса и во Киев, најверојатно во август оваа година, во зависност од ситуацијата со коронавирусот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 28, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 25-26 април 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот