Продолжи судењето против тројца лекари од Онкологија, вештакот Илиевски тврди дека ординирачкиот доктор бил во странство и совесно лекувал

Денеска во кривичниот суд продолжи судскиот случај каде обвинет за злоупотреба на службена положба и овластување е екс-директорот на Клиниката за онкологија доктор Нино Васев, а докторите од истата клиника Марија Симоновска и Игор Стојковски се обвинети за несовесно лекување, за случајот на пациентот Томо Ристовски, кој според обвинението, иако бил болен од малиген меланом, со месеци не добивал лек на Клиниката по што починал.

Судење за тројца доктори од Клиниката за радиотерапија и онкологија

Според обвинителството, доктор Васев не му одобрувал терапија на сега покојниот пациент со месеци, а на крајот го упатил сам да си ги набави лековите од Бугарија и овие дејствија ги презел и покрај тоа што не му бил ординирачки доктор на пациентот, туку ординирачки доктори му биле специјалистите Игор Стојковски и Марија Симоновска.

Во судницата денеска се изведуваа доказите на одбраната, односно сведочеше патологот доктор Боро Илиевски од Институтот за патолошка анатомија при Медицинскиот факултет во Скопје.

Тој во својство на вешто лице истакна дека своите наод и мислење ги изготвил врз основа на медицинската документација и разговор со еден од обвинетите лекари, доктор Игор Стојковски.

-Не постојат отстапки во однос на советуваната терапија и дијагностика во конкретниот случај, истакна Илиевски. 

Тој рече дека постои стандарден протокол за згрижување при дијагноза, третман и следење на малиген меланом и истиот е почитуван во целост од страна на лекарот Игор Стојковски.

-Од документите што ми беа доставени, не најдов дека пациентот се сложил на контролен пет-скен ниту пак на предложената терапија со интерферон алфа, рече вештакот Илиевски.

На прашањето дали доктор Игор Стојковски со неговото лекување придонел да се наруши здравјето на пациентот вештакот истакна дека Стојковски при лекувањето на сега покојниот Томо Ристовски, бил во странство на едукација а потоа користел годишен одмор и дека правата и обврските и работните задачи на докторот за време на неговиот студиски престој и одмор, мируваат.

 

-Првпат доктор Игор Стојковски е консултиран од страна на пациентот на 3 април 2018 година, врз основа на претходно направена биопсија во Систина, при што е дадена препорака за дополнителна биопсија за уточнување на дијагнозата и дадена е препорака да се упати на пет-скен. Од 1 мај до 1 август 2018 година, Игор Стојковски не е присутен на Клиниката за радиотерапија и Онкологија, бидејќи бил на студиски престој во Виена, па потоа отишол на годишен одмор. По враќањето, на првиот преглед во септември, тој ја продолжува претходно назначената терапија и го следи пациентот. Првиот преглед е остварен на 19 септември 2018. Во целост Игор Стојковски совесно постапил согласно наведените протоколи и нема направено пропуст во лекувањето ниту има препишано несоодветна терапија која би го влошила здравјето на пациентот, рече доктор Илиевски.

Адвокат на оштетените и обвинителката Раичевиќ

Обвинителката Лидија Раичевиќ вкрстено го испрашуваше вештакот.

-Врз основа на што тврдите дека документацијата е комплетна?

Докторот ги цитираше сите документи во кои имал увид и врз основа на кои го донел мислењето.

-Дали документот од 27 јуни што го цитирате зборува за совесноста на докторот?, праша Раичевиќ, по што вештакот се поправи, дека не можел да донесе заклучок дали е совесен врз основа на тој извештај, зашто лекарот не бил во Македонија во тоа време.

Адвокатката на оштетените Емина Реброња Радончиќ побара во записник да влезе и тоа дека вештакот кажа дека е „вештак на Игор Стојковски“.

Адвокати на тројцата обвинети лекари од Клиниката за радиотерапија и онкологија

 

Обвинителката постави и вкрстено прашање кој треба да го упати пациентот на контролен пет-скен но судот не го дозволи прашањето, на што Раичевиќ истакна дека секој ризик за неодговарање на вакви прашања е на ризик на судот.

-Јас колку што можам да заклучам овде, вештото лице оформило став за движење на пациентот и патека на лекување, врз база на медицинска документација така ли е?, рече Раичевиќ, а вештакот одговори потврдно.

„Патеката на лекување сте ја добиле како готов акт за давање на вешт наод и мислење на овој комплет што го прочитавте до сега?

Доктор Боро Илиевски го негираше ова.

-Не се работи за тоа што вие сакате да го кажете, дека јас читам службен весник, се работи за хронологија на настани во однос на лекување на пациент, рече Илиевски, а Раичевиќ му одговори дека таа воопшто го немала споменато службениот весник.

-Совесноста на доктор Игор Стојковски произлегува и од протоколог за лекување малиген меланом? А тој протокол во кој дел е почитуван, дали можеме да го цитираме?, праша обвинителката на што вештакот рече дека треба да го пронајде и во моментот не може да го цитира.

Следното рочиште е закажано за следниот месец.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот