
Продавале лажни уметнички дела на музеи и заработувале милиони
Двајца мажи од Франција се прогласени за виновни за измама од повеќе милиони долари во која фалсификувале антички столчиња од 18 век, тврдејќи дека ги краселе собите на историски личности, вклучувајќи ја и Марија Антоанета.
Препорачано
Во еден од најголемите скандали поврзани со фалсификување антиквитети во францускиот уметнички круг во последните децении, двајцата мажи ги измамиле не само богатите колекционери, вклучувајќи го и катарскиот принц, туку и менаџментот на Версајскиот дворец.
Бил Пало, 61-годишник познат како водечки светски експерт за француски кралски мебел од 18 век, е автор на значајната книга за столчињата од тој период. Денеска му беше изречена условна казна затвор од четири години и парична казна од 200.000 евра.
Судиите пресудија дека помеѓу 2008 и 2015 година, Пало осмислил измама во која тој и еден од најпочитуваните резбари и реставратори во Франција, Бруно Денуе, направиле „исклучително убедливи“ лажни столчиња од 18 век.
Двајцата осуденици користеле стари дрвени рамки од автентични столчиња од 18 век за дрвото да го помине тестот за датирање, но на судот му било кажано дека сè друго на столчињата е лажно.
Наскоро, столчињата почнале да се продаваат за стотици илјади евра по парче на богати колекционери преку некои од водечките париски галерии и аукциски куќи.
Версајскиот дворец, кој бил дом на Луј 16. и Марија Антоанета пред Француската револуција, потрошил повеќе од 1,5 милиони евра за да купи шест „кралски“ столчиња кои се покажале како лажни.
Вкупната штета од измамата се проценува на околу 4,5 милиони евра, а случајот се смета за исклучително штетен за угледот на Франција како светски центар за културно наследство и музејски колекции