Белоглав мршојадец / Фото: Боби Кузманоски / Македонско еколошко друштво / Фејсбук

Пркнаа загрозените белоглави мршојадци, во Македонија се испилиле најмалку 16 пилиња

Бројот на белоглави мршојадци, загрозен вид птици кој опстојува во земјава, пораснал во последната година, покажало последното пребројување што го реализираа членовите на Македонското еколошко друштво и Здружението за зачувување на природата „Аквила“ од Кавадарци. Годинава е потврдено присуството на дваесетина двојки на белоглави мршојадци на две локации. Од нив, оваа гнездечка сезона девет се во колонијата во Демиркаписката клисура, а 11 во колонијата на Тиквешкото Езеро.

„Ваква бројност последен пат сме имале во 2010 година, а честите инциденти со труења на Балканот ја турнаа нивната популација на само 6 двојки во 2018 година. Оттогаш, надлежните служби ја интензивираа борбата против користењето на отровни мамки преку тековниот проект BalkanDetox LIFE. Од страна на нашите бугарски и грчки колеги на голем број од птиците се поставени ГПС локатори, па така за прв пат можеме во живо да ги следиме нивните движења и да делуваме превентивно. Бројноста на белоглавите мршојадци последниве години расте насекаде на Балканскиот Полуостров, токму благодарение на координираните мерки за заштита“, информираат од МЕД.

Оттаму посочуваат дека во моментов најмалку 16 млади пилиња се наоѓаат во гнездата на паровите белоглави мршојадци. Предупредуваат дека тие се сега во најризичниот дел од нивните животи до достигнувањето на целосна големина и осамостојување. Во тој период ќе се соочат со уште една сериозна закана – недостигот на храна, која по правило се состои од угинати диви и домашни животни, па мрежата на хранилишта во регионот треба да ги зголеми нивните природно мали шанси за опстанок.

„Со уште работа и со малку среќа, се надеваме дека за неколку години ќе ја надминеме и бројката од 25 двојки, која веќе ја сметавме за критично ниска пред повеќе од 20 години, кога започнавме да работиме на нивна заштита“, посочуваат од МЕД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот