Признавањето на Палестина отвора ново прашање – кој ќе ја раководи
Д.А.
Пред
Велика Британија, Канада и Австралија, традиционално блиски сојузници на Израел, конечно ја признаа Палестина како држава. Британскиот премиер Кир Стармер ја објави одлуката на Велика Британија во видео на социјалните мрежи.
„Соочени со зголемените ужаси на Блискиот Исток, дејствуваме за да ја зачуваме можноста за мир и решение за две држави“, рече тој во видеото, пренесува BBC.
„Тоа значи безбеден и сигурен Израел покрај одржлива држава Палестина, а во моментов го немаме ниту едното ниту другото“, изјави Стармер.
Голем број земји веќе ја признаа државата Палестина, но одлуката на Велика Британија и другите земји да го сторат истото се смета за значаен момент.
„Палестина никогаш немала поголема меѓународна моќ отколку што има сега“, вели Ксавиер Абу Еид, поранешен палестински функционер.
„Светот се мобилизираше за Палестина“, но, постојат сложени прашања на кои им се потребни одговори, а меѓу нив е и основното: што точно е Палестина и дали воопшто постои држава што треба да се признае? Конвенцијата од Монтевидео од 1933 година наведе четири критериуми за државност.
Палестина со право исполнува два услови : постојано население (иако војната во Газа сериозно го загрози ова) и способност за одржување на меѓународни односи, Но, сепак не го исполнува условот за „дефинирана територија“. Без договор за конечните граници (и без вистински мировен процес), тешко е јасно да се каже што точно се подразбира под Палестина. Државата што ја сакаат Палестинците се состои од три дела: Источен Ерусалим, Западниот Брег и Појасот Газа, наведува BBC.
Сите овие територии беа освоени од Израел за време на Шестдневната војна во 1967 година. Дури и површен поглед на мапата покажува каде почнуваат проблемите.
Палестина и Израел на Гугл Мапс / Фото Гугл Мапс
Западниот Брег и Појасот Газа се географски одделени од Израел веќе 77 години, уште од прогласувањето на независноста на Израел во 1948 година.
На Западниот Брег, присуството на израелската армија и еврејските доселеници значи дека Палестинската власт, основана по мировните договори од Осло од 1990-тите, има вистинска административна контрола само врз околу 40 проценти од територијата. Од 1967 година, проширувањето на еврејските населби сè повеќе ја фрагментира територијата на Западниот Брег како политички и економски ентитет, наведува BBC.
Во меѓувреме, Источен Ерусалим, кој Палестинците го сметаат за свој главен град, е опкружен со еврејски населби, постепено одвојувајќи го градот од Западниот Брег.
Судбината на Газа, секако, е уште полоша. По речиси две години војна, која следеше по нападот на Хамас врз Израел во октомври 2023 година, голем дел од таа територија беше срамнет со земја. Но, како решението за ова да не беше доволно тешко, постои и четврти критериум утврден со Конвенцијата од Монтевидео, кој е потребен за признавање на државноста – функционална влада. И тоа е голем предизвик за Палестинците.
„Потребно ни е ново раководство“
Уште во 1994 година, со договорот меѓу Израел и Организацијата за ослободување на Палестина (ПЛО) беше создадена Палестинската народна самоуправа (исто така позната како Палестинска власт – ПА), која имаше делумна цивилна контрола врз Палестинците во Газа и на Западниот Брег.
Меѓутоа, од крвавиот конфликт во 2007 година меѓу Хамас и Фатах, главната фракција на ПЛО, Палестинците во Газа и на Западниот Брег живеат под власта на две сопернички влади: Хамас во Газа и меѓународно признатата Палестинска власт на Западниот Брег, предводена од Махмуд Абас.
Тоа значи 77 години географска и 18 години политичка поделба – долг период во кој Западниот Брег и Газа се оддалечуваат сè повеќе и повеќе, наведува BBC.
Во меѓувреме, палестинската политика стана ригидна, оставајќи ги повеќето Палестинци цинични во врска со сопственото лидерство и песимистички настроени во врска со перспективата за помирување, а уште помалку за државност. Последните претседателски и парламентарни избори се одржаа во 2006 година, што значи дека ниту еден Палестинец под 36 години никогаш не гласал ниту на Западниот Брег ниту на Газа. „Неверојатно е што немавме избори цело време“, вели палестинската адвокатка Дијана Буту.
Проблемот стана уште поголем од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година. Палестинската самоуправа со седиште на Западниот Брег, под водство на Абас, се соочи со смртта на десетици илјади свои граѓани, но нејзината улога во голема мера е сведена на немоќен набљудувач.
Кога претседателот на ПЛО, Јасер Арафат, се врати од години егзил за да ја предводи pалестинската самоуправа, локалните палестински политичари во голема мера беа тргнати настрана.
Гласините за корупција меѓу луѓето на Арафат го нарушија угледот на палестинската самоуправа. Поважно е што новоформираната палестинска власт не беше во можност да ја запре постепената колонизација на Западниот Брег од страна на Израел и да го исполни ветувањето за независност и суверенитет што беше најавено во историското ракување на Арафат со тогашниот израелски премиер Јицак Рабин на тревникот на Белата куќа во септември 1993 година.
Следните години не беа погодни за мирна политичка еволуција. Тие беа обележани со неуспешни мировни иницијативи, континуирано проширување на еврејските населби, насилство од страна на екстремисти од двете страни, политичко поместување на Израел кон десно и насилниот раскол во 2007 година помеѓу Хамас и Фатах, наведува https://www.bbc.com/news/articles/c930dlxnee4o”>BBC.
„Во нормалниот тек на настаните, би се појавиле нови луѓе, нови генерации“, вели палестинскиот историчар Јазид Саџиг. „Но тоа беше невозможно… „Палестинците на окупираните територии се толку фрагментирани на одделни мали простори, и поради ова беше речиси невозможно да се појават нови луѓе кои би можеле да обезбедат обединување“. Меѓутоа, едно име се издвојуваше – Марван Баргути.
Тој е роден и израснат на Западниот Брег, а на 15-годишна возраст стана активен во Фатах, фракцијата на ПЛО предводена од Арафат. Баргути се здоби со популарност за време на Втората интифада (големо палестинско востание против Израел што започна во 2000 година), пред да биде уапсен и обвинет за планирање на смртоносните напади во кои загинаа пет Израелци.
Тој отсекогаш ги негираше овие обвинувања, но е во израелски затвор од 2002 година. Меѓутоа, кога Палестинците зборуваат за можни идни лидери, разговорот речиси секогаш завршува за човек кој е зад решетки речиси 25 години.
Неодамнешната анкета на Палестинскиот центар за истражување на политиката и јавното мислење со седиште на Западниот Брег покажа дека 50 проценти од Палестинците би го избрале Баргути за претседател, што е многу поголема поддршка од Махмуд Абас, кој е на функцијата од 2005 година.
Иако е висок член на Фатах, кој долго време е во конфликт со Хамас, се верува дека неговото име е на списокот на политички затвореници чие ослободување Хамас го бара во замена за израелските заложници што ги држи во Газа.
Но, Израел не даде никакви индикации дека е подготвен да го ослободи. Кон средината на август се појави видео на кое се гледа како 66-годишниот Баргути, исцрпен, е провоциран од израелскиот министер за безбедност Итамар Бен Гвир. Тоа беше прв пат по многу години јавноста да го види Баргути, наведува BBC.
Нетанјаху најавува офанзива во Рафах – Фотографија ЕПА, Абир Султан
Нетанјаху и палестинската државност
Дури и пред војната во Газа, ставот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за палестинската државност беше недвосмислен.
„Сите знаат дека јас сум оној кој со децении го блокира воспоставувањето палестинска држава, што би го загрозило нашето постоење“, изјави Нетанјаху.
Нетанјаху инсистира дека pалестинската самоуправа нема да има никаква улога во идното управување со Газа, тврдејќи дека Абас не ги осудил нападите на Хамас врз Израел од 7 октомври 2023 година.
Во август, Израел даде конечно одобрение за проект за изградба на населби што ефикасно би го одвоил Источен Ерусалим од Западниот Брег.
Како што наведува ББС изградбата на 3.400 станбени единици беше одобрена, а израелскиот министер за финансии Безалел Смотрих рече дека планот ќе ја закопа идејата за палестинска држава „затоа што нема што да се признае и никој да не се признае“.
BBC цитира изјави од добрите познавачи на состојбите според кои едно е сигурно: ако се создаде државата Палестина, таа нема да биде предводена од Хамас.
Во Декларацијата донесена во јули на крајот од тридневната конференција организирана од Франција и Саудиска Арабија, се наведува дека „Хамас мора да го заврши своето владеење во Газа и да го предаде своето оружје на палестинската власт“.
„Њујоршката декларација“ беше поддржана од сите арапски држави, а потоа усвоена од 142 членки на Генералното собрание на ОН.
Хамас вели дека е подготвен да ја предаде власта во Газа на независна администрација на технократи.
Дали е доволна симболиката на признавањето? Со Баргути во затвор, Абас кој наполни 90 години во март, Хамас десеткуван и Западниот Брег распарчен, јасно е дека на Палестина ѝ недостасуваат и лидерство и кохерентност на нејзините лидери, пренесува Би-би-си.
Но, тоа не значи дека меѓународното признавање нема значење. „Всушност, тоа би можело да биде многу вредно“, вели Дијана Буту, иако предупредува: „Сè зависи од тоа зошто тие земји го прават тоа и какви се нивните намери“. Еден британски владин претставник, кој не сакаше да биде именуван, ми рече дека самата симболика на признавањето не е доволна. „Прашањето е дали можеме да постигнеме одреден напредок, така што Генералното собрание на ОН не е единствената страна што ја призна (Палестина како држава)“.
Со Декларацијата од Њујорк, земјите потписнички, вклучувајќи ја и Велика Британија, се обврзаа да преземат „опипливи, временски ограничени и неповратни чекори кон постигнување мирно решение за палестинското прашање“. Службениците во Лондон посочуваат дека Декларацијата го споменува обединувањето на Газа и Западниот Брег и поддршката за Палестинската самоуправа и одржувањето на палестинските избори (како и арапскиот план за реконструкција на Газа) како чекори што мора да се преземат по признавањето. Но, тие исто така знаат дека пречките се огромни. Израел останува категорично против ова и се закани дека ќе одговори со формално анектирање на делови или на целиот Западен Брег.
Кир Стармер и Доналд ТрампEPA-EFE/WILL OLIVER
Во меѓувреме, претседателот на САД, Доналд Трамп, јасно го изрази своето незадоволство од оваа тема, велејќи минатата недела во Лондон:
„Не се согласувам со британскиот премиер по ова прашање“.
Во август, САД презедоа необичен чекор со одземање или одбивање да издадат визи на десетици палестински функционери, што може да биде кршење на правилата на ОН.
Во Советот за безбедност на ОН, САД имаат право да стават вето на какво било признавање на државата Палестина, и се чини дека Трамп не се откажува од својот план за создавање таканаречена „Ривиера“ во Газа, според која САД би ја преземале „долгорочната сопственост“ на Газа.
Најважно е што неговиот план воопшто не ја споменува палестинската самоуправа, туку само „реформирана палестинска самоуправа“, ниту пак какви било идни односи меѓу Газа и Западниот Брег.
На долг рок, иднината на Газа може да лежи некаде помеѓу Њујоршката декларација, планот на Трамп и арапскиот план за реконструкција. Сите овие планови, секој на различен начин, се обидуваат да спасат нешто во Газа, која е во катастрофална ситуација во последните две години.
И каков и да е исходот од овој процес, тој ќе мора да даде одговор на прашањата како ќе изгледа Палестина и кој ќе ја води, се наведува во анализата на Би-Би-Си.
Почитуван читателу,
Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не.
Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат.
Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.
ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
СЛОБОДЕН ПЕЧАТ. Е-БИЛТЕН
НЕ ГУБИ ВРЕМЕ! ЗАЧЛЕНИ СЕ И ДОБИЈ ГИ НАЈВАЖНИТЕВЕСТИ НА НЕДЕЛАТА - БЕСПЛАТНО ВО ТВОЈАТА Е-ПОШТА!
Обвинителката за врски на Македонија во Европравда, Ленче Ристоска, го демантира премиерот Христијан Мицкоски и тврди дека никогаш не зела повисока плата од редовната, платата не ѝ ја одредува државниот обвинител со Правилник и е единствениот обвинител кој работи од сопствената држава. Нејзината реакција следува откако Мицкоски на брифинг со новинарите во петокот тврдеше дека …
„Слободен печат“ со новиот формат на утринските вести продолжува и понатаму. Од понеделник до петок секое претпладне ви подготвуваме „Поинакви вести“. Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber Препорачано 1 Интерпол го уапси измамникот од ,,Тиндер” кој се прослави со документарецот на Нетфликс 2 „Сите за Палестина“ со писмо до Сиљановска-Давкова: „Како може да спиете …