Трамп потпишува извршни наредби / Фото: EPA-EFE/YURI GRIPAS / POOL

Привремено блокирана понудата на Трамп до државните службеници да поднесат оставка со отпремнина

Федерален судија во Бостон привремено го блокираше спроведувањето на програмата според која владините службеници можат да дадат отказ во замена за отпремнина, што администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја понуди во обид да ја намали големината на федералната влада.

Вработените во Владата имаа рок до синоќа на полноќ да одлучат дали прифаќаат таква програма.
Судијата Џорџ О’Тул Јуниор не се произнесе за законитоста на програмата, но закажа рочиште за понеделник и нареди на администрацијата да го продолжи рокот за владините службеници за изјаснување по тоа рочиште.

Белата куќа соопшти дека околу 40.000 државни службеници изразиле интерес за таа понуда, додека според извори на американски медиуми, околу 60.000 вработени одлучиле да ја прифатат понудата за отказ во замена за отпремнина.

Оваа програма е дел од планот на Трамп да ја намали федералната влада и да ја ослабне она што тој ја нарекува „длабока држава“, за која верува дека го поткопала во неговиот прв мандат.

Администрацијата тврди дека програмата може да заштеди пари на даночните обврзници нудејќи им на вработените „можност еднаш во животот“ да се откажат и да продолжат да добиваат плата до 30 септември.

Исто така, се потсетува дека по таа понуда ќе следуваат дополнителни отпуштања.

„Повеќето федерални агенции ќе бидат намалени преку реструктуирање, промени во распоредот и намалување на персоналот“, соопшти Канцеларијата за управување со персонал (ОПМ).

Во пораката до вработените се наведува и дека од оние кои ќе останат на работа ќе се очекува да бидат „лојални“ и ќе мора „да се усогласат со новите стандарди“.

Некои од постојаните вработени ќе изгубат и одредени заштитни мерки што сега ги уживаат.
„Вработените кои нема да се придржуваат кон законот и прописите ќе бидат предмет на истрага и дисциплинска постапка, до и вклучувајќи отказ“, се наведува во е-поштата.

Трамп го назначи Илон Маск, најбогатиот човек на светот, да раководи со Одделот за владина ефикасност (DOGE), чија цел е да ги намали владиниот персонал и трошоците.

Понудата се однесува на повеќето од три милиони вработени во американската влада, со исклучок на воениот персонал.

Протести избувнаа во главниот град на САД пред зградите на федералните агенции – вклучително и Канцеларијата за управување со персонал

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот