
Привремените пожарникари незадоволни: Гасневме пожари за само 15.000 денари
Висината на примањата на привремените пожарникари беше јавно објавена и во договорот ги пишува сите услови, дециден е директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов. Тој потенцира дека најдобрите ќе бидат трајно вработени
Дел од сезонските пожарникари револтирано реагираат преку социјалните мрежи дека во период кога имаше многубројни пожари активно учествувале во нивното гаснење, за да деновиве добијат само по 15.000 денари. Сепак, тие посочуваат дека месецот не го почнале на први, па практично не ја добиле целата плата од 24.500 денари.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Од ветените 24.500 на сезонските пожарникари им се кратат 9.500, пресметуваат здравствено осигурување и дека сме почнале неколку денови подоцна. Не даваат никаква соодветна облека, а одевме на повеќе од десетина интервенции за речиси два месеца. Незаконски ни доцнат со плата“, е еден од коментарите.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов во изјава за „Слободен печат“ вели дека негативните коментари се сосема неосновани затоа што тие што ја прифатиле оваа работа, потпишале договор во кој се објаснети сите детали.
– Висината на примањата беше јавно објавена и во договорот ги пишува сите услови. Уште кога беше најавен огласот од страна на Владата, а и јас тоа го повторив, јасно беше кажано дека платата е 24.000 денари затоа што е со вклучено осигурување за инвалидитет и телесно оштетување при повреда на работа и професионална болест. Сите кандидати кога го потпишуваа договорот, можеле да прочитаат што потпишуваат. Договорот за работа почнува од денот што е наведен, а не претходно, па не може да добијат пари и за деновите кога не работеле – вели Ангелов.
Од сезонските пожарникари стигнаа обвинувања и за заштитна облека и за големиот ангажман. Но, како што тврди Ангелов, тие биле ангажирани за обука, полесни гаснења на пожар, за да на крајот тие што ќе бидат успешни, да бидат задржани на работа.
– Лицата што се во Дирекцијата за заштита и спасување, односно во Скопје, немаат учествувано во ниту еден пожар, туку имаат континуирана обука. Во ДЗС има 27 луѓе на кои им направивме обука и кои се одлични, на кои има направивме и подготовка за физичка подготвеност, како што се маршеви, склекови, трчање… Планирано е овие 27 луѓе да се вработат – вели Ангелов.
Тој посочува и дека идејата за овие привремени вработувања на пожарникарите не била да се пуштат на големи пожари, туку да бидат за превенција и евентуално да бидат пуштени на некои поедноставни пожари.
– Јас можам да тврдам за Скопје дека никој од нив не учествуваше на пожарите, но не и за во другите градови, иако не верувам дека некој ги пуштил на сериозен пожар – вели Ангелов.
Со одбивањето на осигурувањето, привремените пожарникари практично склучија договор за плата од 24.000 денари. Уште при најавата Ангеловски се сложи дека „сумата од 24.000 денари е мала“, но потенцираше дека тоа е за обука и дека „најдобрите од нив ќе бидат вработени во пожарните бригади, а во Скопје во новата специјална единица за заштита и спасување“.
Директорката на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) Душица Перишиќ кажа дека во моментов во земјава има меѓу 700-800 пожарникари, а според стандардите за еден пожарникар на 1.500 граѓани, потребни ни се 1.500 пожарникари.
Парите за привремено вработување на пожарникарите се обезбедени од буџетот на Агенцијата за вработување и всушност станува збор за Мерката 6.2 – јавни работи за заштита и превенција од пожари и заштита и облагородување на животната средина на локално ниво (пошумување), заради зголемување на вработливоста преку работно ангажирање невработени лица.