
Приватните специјализанти го продолжија протестот, Клинички центар остана без нивниот придонес
Протестот на приватните специјализанти од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ продолжува и денеска. Околу 400 млади доктори кои се ангажирани на сите клиники од комплексот, не ги извршуваат работните задолженија затоа што Владата и Министерството за здравство не изнајдоа промптно решение за нивните барања – платите да им бидат изедначени со просечните, како и да добијат здравствено осигурување.
Препорачано
Дел од нив аплицирале на конкурсите за вработување во Клинички центар, ама не биле примени. На таков начин се демантираат тврдењата дека „приватните специјализанти заминуваат во странство затоа што не сакаат да придонесат во македонскиот јавно-здравствен систем“.
Тие тврдат дека државата ги брка, со местење партиски кадри на конкурсите, примање општи лекари наместо лекари кои се во петтата година од специјализацијата и со немањето стратегија да бидат задржани.
Наместо тоа, се соочуваат со ситуација каде дури двајца членови од исто семејство, сопруг и сопруга, двајцата приватни специјализанти немаат здравствено осигурување, не можат да планираат семејство затоа што ниту на мајката ќе ѝ следува породилно отсуство, ниту на бебето ќе му следува здравствено осигурување.

Дополнителен проблем е надоместокот којшто го добиваат за работата од 26 илјади денари, кој не стасува за живот.
– И јас и сопругот сме приватни специјализанти и немаме здравствено осигурување. Поради тоа не сме решиле да имаме семејство. Затоа што мене не би ми следувало породилно отсуство, а и на моето дете не би му следувало здравствено осигурување. Имам 33 години. Мислам дека ваквата ситуација е срамота, рече една од младите докторки присутни на протестот.
Владата вчера одржа седница на која реши проблемите на специјализантите да ги решава после изборите, со нов закон во кој ќе бидат наведени нивните права и одговорности. За приватните специјализанти оваа одлука е неприфатлива и штрајкот го продолжуваат.
– По одржаната седница на Владата на 16.04.2024 и известувањето од седницата објавено дури во 21 часот и 35 минути, ниту едно од нашите барања не е решено и само се употребени истите лажни ветувања кои ги имаме слушнато веќе неколку пати. Ниту Владата ниту Министерството не побараа мислење од Антикорупциската комисија и Државната изборна комисија дали може да се исполни некое од нашите барања како што и на самата средба беше предложено од наша страна. Што значи дека во моментов нема желба од нивна страна за решавање на нашите проблеми. Штрајкот продолжува и денеска и по координацијата ќе инфомрираме за нашите идни чекори, велат од Здружението на лекари специјализанти.
Министерот за здравство Илир Демири прво ги поддржа барањата на приватните специјализанти, па рече дека нивниот штрајк е политички мотивиран со што го навлече гневот на колегите. Специјализантите му возвратија дека не им е потребна политичка партија да ги мотивира да си ги бараат уставно загарантираните права и дека книшка имаат – ама крводарителска.
– Срамно е еден доктор да нема здравствено осигурување. Мислам дека нема ниедна политичка партија што треба да не мотивира за ние да си ги бараме основните човекови права кои ни се загарантирани со устав. Јас лично немам ниедна книшка од политичка партија. Единствената книшка што ја имам дома е крводарителската на која што пишува „нулта позитив“. Штрајкот ќе го продолжиме додека не помине седницата на Влада и додека Министерството за здравство не излезе со официјално известување што е одлучено на таа седница, а после тоа ќе разговараме со колегите и ќе одлучиме што ќе правиме понатаму, изјави Христина Илиоска-Чешлароска, приватен специјализант.

Инаку приватните специјализанти со месеци се обидуваат да алармираат дека работат за надоместок кој е пренизок и изнесува 26 илјади денари. Пред еден месец тие протестираа, по што во Министерството за здравство лажно им беше ветено дека ќе добијат плата која е просечна, а дека веднаш ќе добијат и здравствено осигурување. Ништо од тоа не се оствари, па нивните протести продолжија.
Тие се револтирани што освен тоа што специјализацијата ја плаќаат од 10 до 12 илјади евра од сопствен џеб, кога аплицираат на конкурси, не се примани на работа во државното здравство затоа што влезна врата за вработување е партиската книшка. Во бројни градови низ Републиката нема педијатри и тоа е само една од гранките за кои се потребни нови вработувања, но ги нема.