
Приватните превозници го добија бараното покачување, Советот изгласа да возат за 100 денари по километар
По бурната седница во Советот на Град Скопје, падна договор со приватните превозници. Во атмосфера на навреди, кавги, препукувња и напуштање на седницата додека трае гласањето, Советот на Град Скопје ги изгласа 30-те денари покачување на цената по изминат километар за приватните превозници.
Препорачано
Претседателот на Советот, Трајко Славески посочи дека оваа цена ќе се применува до Мај, односно кога истекуваат договорите на приватните превозници, а одлуката ќе стапи во сила по објавувањето во службен весник
„Констатирам дека заклучокот е усвоен со мнозинство гласови од присутните, со тоа ја заклучувам денешната седница, ги молам службите во најкус можен рок, секторот за поддршка на совет до 17 часот да ми достави заклучок од денешната седница со потпис, кој ќе го проследам до градоначалникот.“
За ваквата одлука, претходно градоначалничката Арсовска од говорницата посочи дека цената се утврдува според критериуми и формула каде ќе бидат во предвид земени сите апсекти и дека таа не смее да се утврдува поинаку.
„Тие повеќе бараа, не знам како се испреговоривте да ја намалите цената, но не смее да биде ни повеќе ни помалку од она што го диктира пазарот и условите, не се одредува врз основ на желба. Повикувам на одговорност на Советот, за одлуката што ќе ја донесете самите ќе имате одговорност, а ние по ваше задолжение, ако сакате да направиме нешто долгорочно, тоа може службите да ви го објаснат, ако сакате да направите нешто од денес за утре, можам само да се изземам од одговорност ако донесете било каков акт,“ рече градоначалничката.
Зголемувањето на цената од 70 на 100 денари за километар, за приватните превозници е цена која според синоќешниот договор со советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Градскиот совет, ќе се применува од 1 декември до мај 2025 година, кога истекува нивниот договор. За приватните превозници оваа цена е прифатлива.
„Откако ќе се склучи договорот, нема да има повеќе блокади на патиштата во Скопје и нема да има пречки за граѓаните на Скопје, но од понеделник ќе почнеме со редовна работа. Можам да кажам дека е добра цена и дека може да биде уште подобра, но во овие услови во моментов мислам дека е доволно и дека ќе можеме да функционираме нормално и да им служиме на граѓаните на Град Скопје“, рече Хисен Халили, приватен превозник.
Од понеделник се очекува приватниците да се вратат со редовните линии по постигнатиот договор.