
Притисок ќе има, предвремени – којзнае!
Според дел од аналитичарите, дали ќе има предвремени избори ќе зависи од резултатот на локалните на Вреди и Националната алијанса за интеграција, а други сметаат дека Владата треба да го истурка четиригодишниот мандат, без оглед на резултатот на коалицискиот партнер
Владата треба да го истурка четиригодишниот мандат, без оглед на резултатот што ќе го оствари владиниот партнер Вреди на локалните избори, е ставот на дел аналитичари откако премиерот Христијан Мицкоски децидно кажа дека предвремени парламентарни избори ќе нема, без оглед на притисокот на ДУИ и на Али Ахмети. Дел аналитичари, пак, сметаат дека сè ќе зависи од резултатот на локалните на Вреди и Националната алијанса за интеграција (НАИ), предводена од ДУИ. Мицкоски на брифинг со новинарите ја отфрли можноста од предвремени парламентарни избори напролет, додека ДУИ претстојните избори ги издигна на ниво на референдум и става сè на една карта – да изнуди парламентарно соочување.
Во контекст на битката на сè или ништо, ДУИ лиферува информации дека веќе добиле понуди Мицкоски да го смени владиниот партнер при реконструкција на Владата, што, пак, за Ахмети е неприфатливо. Мицкоски, пак, возврати ДУИ да не ги лаже гласачите.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Судејќи според изјавите на премиерот, очигледно дека предвремените избори не се на маса. Такви шпекулации постојат уште кога завршија претходните избори, така што би рекол дека тоа е дел од политичката игра на постојан притисок што, пак, е дел од нашата култура. Тоа што има коалиции во одделни општини, а не класична предизборна коалиција, упатува на тоа дека, сeпак, настапуваат заедно и дека заеднички се поддржуваат. Мислам дека е здраво да има предизборни коалиции, зашто на крајот на краиштата гласачите знаат кому ја даваат довербата, за потоа да не бидат изненадени од коалициите – вели Марко Трошановски, политички аналитичар и претседател на невладината „Социетас цивилис“.

Тој вели дека е тешко да се каже дали изјавата на Мицкоски дека на изборите ќе победи владината коалиција, е гума за спас на Вреди и на ЗНАМ во случај владините партнери да потфрлат со резултатот.
– Дали Мицкоски фрла гума за спас на Вреди и ЗНАМ е тешко да се каже. Анкетите се поделени и различни. Некои покажуваат предност на Вреди во клучни општини, некои голема разлика во полза на ДУИ и врз основа на тоа тешко е да се утврди. Но, што и да биде исходот, сметам дека ДУИ и други партии ќе продолжат да бараат предвремени парламентарни избори, но тоа не е здраво за политичкиот циклус, за реформите што треба да ги спроведеме, кои и онака гледаме дека, според последниот извештај за реформската агенда, веќе недозволиво доцнат. Апсолутно не ни е потребен уште еден предвремен избирачки циклус зашто сè ќе застане во државата како при секои избори – вели Трошановски.
Тој прогнозира дека без оглед на резултатот на изборите, притисокот на ДУИ ќе продолжи и ќе се зголемува. Сепак, Трошановски смета дека Владата треба да го истурка четиригодишниот мандат и дека конечно треба да престанеме со притисок за предвремени избори, освен ако нешто скандалозно или многу критично не се случи.
– Мислам дека е нелегитимно постојано и постојано да се бараат предвремени избори. Тоа е само гола борба за моќ, без интерес за државата и за стабилна влада. Дури и на моменти да разочарува, Владата има четиригодишен мандат и тука завршува приказната. Треба сите да се трудиме да градиме кај граѓаните и кај партиите такво разбирање на политиката. Не можеме секој година да имаме избори. Тоа не само што е прескапо, туку е и контрапродуктивно на посветеноста на реформските процеси – смета Трошановски.
Аналитичарот Сефер Селими смета дека од резултатот на локалните ќе зависи дали Ахмети ќе испровоцира предвремени парламентарни избори.
– Од резултатот на листите за советници ќе се види кој реално ги претставува Албанците. Ако се потврдат тврдењата на НАИ, предводена од ДУИ, дека легитимитетот за претставување на Албанците е кај нив и ако ги добијат повеќето општини со мнозинско албанско население, тогаш Мицкоски ќе има две опции – или предвремени избори што треба да го гарантираат легитимното претставување на двете поголеми заедници и на другите малцинства, или ќе треба да менаџира цело време различни политички кризи кои ќе бидат последица на игнорирањето на Албанците како заедница која самата одлучува кој ќе ја претставува – вели Селими.

Според него, изјавата на Мицкоски дека ќе победи владината коалиција повеќе е во функција да го подготви теренот за втората опција и најверојатно повеќе за себе, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, функција што ќе треба да ја потврди на Конгресот на партијата во декември, отколку за спас на владините партнери, ако се потврдат досегашните анкети што предвидуваат многу лош резултат за Вреди и за ЗНАМ.
Кандидатот на НАИ за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, во изминатиот викенд изјави дека синхронизираните изјави на ВМРО-ДПМНЕ и на Вреди дека нема да има предвремени избори“, се знак на паника од очекуваниот пораз на Вреди. Тој тврди дека токму стравот од резултатите ги натерал ВМРО-ДПМНЕ да испраќа емисари кај ДУИ со предлог да влезат во Владата по локалните избори, но дека ДУИ инсистира на предвремени парламентарни избори.
Мицкоски викендов ѝ порача на ДУИ да престане да ги лаже своите гласачи, затоа што предвремени парламентарни избори нема да има.
– Се зборува за предвремени избори. Анкетите покажуваат дека ако се одржат, ВМРО-ДПМНЕ би имала сигурно над 62-63 пратеници, стабилно мнозинство со силна реформска агенда. Но, да не се лажеме, предвремените избори значат и загубено драгоцено време. ДУИ ја експлоатира темата за да собира клиентелистички гласови, лажејќи ги своите гласачи дека ќе прави коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Им порачувам – кај мене, како претседател на Владата, а пред сè, како човек, се важни принципите, а не комбинациите – рече Мицкоски.
На иста линија беше и изјавата на првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити. И тој порача дека владината коалиција е едногласна за ставот дека нема потреба од предвремени избори.