
Прислушувањето се врати на голема врата во Собранието
За загриженоста на пратениците на СДСМ дека власта повторно планира масовно прислушување поради партизацијата на Советот за граѓански надзор, премиерот ги предупреди дека наскоро ќе се згрозат од методите за следење и прислушување кои ги практикувала поранешната власт.
Не слушнав дека ја оспорувате стручноста на кадрите, одговори премиерот Христијан Мицкоски на обвинувањата на опозицискиот СДСМ дека ВМРО-ДПМНЕ извршила упад со партиски кадри во независни регулаторни тела и во Советот за граѓански надзор на комуникациите, на собраниската седница за пратенички прашања.
Препорачано
Мицкоски не ја оспори партизацијата на тие тела и обвини дека тоа било практика и на СДСМ. За загриженоста на СДСМ дека власта повторно планира масовно прислушување поради партизацијата на Советот, премиерот ги предупреди дека наскоро ќе се згрозат од методите за следење и прислушување кои ги практикувала поранешната власт.

– Грубата партизација на сите јавни должности чие именување или избор зависат од волјата на мнозинството продолжија и во Советот за граѓански надзор над следењето на електронските комуникации и работата на безбедносните служби. Сите членови на ова тело се партиска испостава на владејачката коалиција, поранешни пратеници или истакнати партиски активисти. Небаре избирате општински комитет, а не граѓанско тело. Ова укажува дека или планирате повторно да прислушувате како во времето на режимот, или сте почнале да се сомневате во довербата на граѓаните и затоа не ризикувате со автентични граѓански решенија, туку играте на сигурно со „хард кор” партиски именувања – рече Митко Трајчулески од СДСМ, кој го праша премиерот дали системот на заслуги кој го промовирал пред изборите, а и како премиер, во реалноста се трансформира во систем на партиски заслуги.
Мицкоски најави дека наскоро јавноста ќе слушне што се правело со безбедносните служби за време на мандатот на претходната Влада, а СДСМ ќе се срамат и ќе треба да се извинат.
– Се сеќавате на оној проект „Вистината за Македонија“, ќе ја видите невистината на тие што правеле околу прислушувањето и ќе се срамите и ќе излезете да се извините, затоа што во услови на фашистички режими не се следеле и прислушувале луѓе кои водат опозициски партии. Убеден сум дека дел од последното раководство на СДСМ не знаеле, но дел го правеле за злоупотреба и лична агенда. Но тоа што се случувало ќе ве згрози, какви мерки се преземале, физичко следење и употреба на недозволени методи. Затоа се плашите вие – рече Мицкоски.

За именувањата кадри по институции, премиерот рече дека во нив биле поставени луѓе на СДСМ, а не експерти.
За партизацијата на Советот за граѓански надзор на комуникациите на прес-конференција реагираше и пратеникот Љупчо Николовски, кој вчера на седницата на Комисијата за избори и именувања побара власта да ја повлече точката од дневен ред, но и лидерот на СДСМ Венко Филипче. Николовски појасни дека Советот ја контролира работата на институциите кои ги следат комуникациите, прислушувањата и постапува во претставки доколку некој е прислушуван.
Тој побара власта да се повлече и итно да ја врати процедурата во рамките на законските норми и стандарди.
– Ако ВМРО-ДПМНЕ остане глува на овие предупредувања, ќе преземеме и порадикални мерки. Нема да дозволиме враќање на мрачното минато во кое граѓаните беа прислушувани, следени, заплашувани, нема да дозволиме партијата на власт да им го киднапира приватниот живот и да го злоупотреби – рече Николовски.

Пратеничката од ДУИ Арбана Пашоли го праша премиерот дали останува на ставот дека со оспорувањето на законот за јазиците не се оспорува албанскиот јазик и го обвини дека Владата спроведува „платформа против Албанците“. Мицкоски ѝ одговори дека не постои платформа против Албанците, туку платформа против партиските профитери и криминалци, без разлика на нивната етничка припадност, доколку се осомничени за сторен криминал. Мицкоски ѝ порача на Пашоли да им пренесе на нејзините сопартијци кои, рече, требало да седат покрај неа, „дека најголем дел од нив и ним блиските се поврзани со основани сомнежи за злоупотреба и сторен криминал којшто го направиле во изминатите повеќе од 20 години активно учествувајќи во власта“. Тој ја покани пратеничката да прошетаат заедно за да ги видат „хациендите во кои живеат луѓе кои се дел од структурите на ДУИ, ним блиски и нивни роднини“, и нивната имотна состојба да ја споредат со она што го поседувале пред 20 години.
Пратеничката Пашоли рече дека не е задоволна од одговорот и му порача на премиерот:

– Не кажавте јасно и гласно дека не сте против употребата на албанскиот јазик. Ако со дела, а не со зборови, ги оспорите правата на Албанците ја ставате во опасност македонија. Ако ги раните Албанците, ги ранувате сите – рече Пашоли.