
Припадниците на ОНА со исти права како и бранителите – Вреди токми закон
Од Вреди велат дека идејата е со партиите од македонскиот политички блок да подготват заеднички закон, кој ќе ги опфати и бранителите и припадниците на ОНА, но ако ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го отфрлат, тогаш законот ќе се однесува само на припадниците на ОНА
Владиниот партнер Вреди на маса пред премиерот Христијан Мицкоски ќе предложи изедначување на поранешните припадници на ОНА со бранителите. Нацрт-верзијата на законското решение веќе се подготвува, потврдија за „Слободен печат“ од Вреди, а целта е поранешните припадници на ОНА да имаат еднакви права како тие на бранителите.
Препорачано
Од Вреди велат дека идејата е со партиите од македонскиот политички блок да подготват заеднички закон што ќе ги опфати и бранителите и припадниците на ОНА, но ако ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го отфрлат, тогаш законот ќе се однесува само на припадниците на ОНА.
Законот го турка пратеникот на Вреди Ријад Шаќири, син на експратеникот Хисни Шаќири, кој остана запаметен дека во 2001 година го напушти Собранието и отиде во ОНА.
За законот за ОНА досега не разговарале челниците на Вреди со Мицкоски, па очекувањата се дека пратениците на Вреди ќе го предложат законското решение во Собранието.
– Концептот е да подготвиме закон што ќе биде за сите, односно кој ќе ги опфати и поранешните припадници на ОНА и бранителите за еднаш засекогаш да се затвори тоа прашање. Затоа и на Комисијата за социјална политика бараме СДСМ да го повлече законот за бранителите и заеднички сите парламентарни партии да подготвиме закон што ќе ги опфати двете страни. Ќе разговараме со сите парламентарни партии и со невладини организации, ако нема консензус, тогаш Вреди ќе поднесе закон за ветераните и за семејствата на загинатите припадници на ОНА – вели Шаќири.
Тој додава дека сите права што веќе им следуваат на бранителите, законски да им следуваат и на поранешните припадници на ОНА, како бесплатна здравствена заштита и образование, пензии за семејствата на загинатите и за инвалидите од конфликтот во 2001 година.
Шаќири е охрабрен дека пратениците може да постигнат консензус, откако неодамна портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска во телевизиско интервју рече дека може да се зборува и да се бара решение за поранешните припадници на ОНА.
Првиот вицепремиер Изет Меџити прашан за најавата на Шаќири за закон за припадниците на ОНА, рече дека деталите ги знае пратеникот.
Ова нема да биде прв обид за законски да се изедначат поранешните припадници на ОНА со бранителите, бидејќи од 2001 година до сега повеќепати партии од албанскиот блок предлагале слични закони кои, пак, никогаш не ја добија поддршката од македонскиот политички блок. Закон за статусот и правата на поранешните припадници на ОНА не успеа да донесе ни ДУИ и нејзиниот лидер, претходно врховен командант Али Ахмети, откако паравоената ОНА по конфликтот ја трансформираа во политички субјект.
Во Собранието не помина ни законот за учесниците во конфликтот од 2001 година, предложен од поранешните пратеници и припадници на ОНА Абедин Зумбери и Даут Реџепи Лека. Тие бараа да се реши статусот на припадниците на ОНА. За цивилните жртви, инвалидите и семејствата на паднатите припадници, бараа вработување, решавање на станбеното прашање, паричен надоместок, семејна пензија и здравствено осигурување, како и посебни права во образованието.
Позициите на партиите од македонскиот политички блок беа дека не смее да се поистоветат бранителите со припадниците на ОНА затоа што првите, во согласност со законот и Уставот, учествувале во конфликтот и ја бранеле државата, додека вторите предизвикале конфликт, ја нарушиле безбедноста на државата и дејствувале во насока на насилно уривање на правниот поредок.
Објаснувањето на албанскиот политички блок, пак, е дека припадниците на ОНА се бореле против Уставот и дека по промените на Уставот, државата треба да ги третира еднакво и бранителите и припадниците на ОНА, затоа што тие не биле агресори.
Иако на ниту една партија на Албанците не ѝ успеа да донесе закон со кој припадниците на ОНА ќе ги изедначи со бранителите, сепак ДУИ во изминативе 20 години вработи во јавниот сектор голем број од нив, а многу семејства примаа социјални пакети.