
Приказна за земјотресот, за солидарноста и за обновата носи изложбата „Скопје – градот Феникс“
Изложбата „Скопје – градот Феникс“ е подготвена по повод 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, организатор е Музејот на град Скопје, а автор на изложбата е Зоја Богдановска, кустос-советник историчар во Музејот.
Препорачано
Изложбата ја раскажува приказната за катастрофалниот земјотрес во Скопје од 26 јули 1963 година. Животот во градот непосредно по земјотресот и сето она што ќе следи во првите месеци по катастрофата, е раскажано на паноата и преку изложените музејски предмети и материјали.
Посебен дел е посветен на меѓународната манифестација „Средба на солидарноста“, еден исклучително значаен настан за градот Скопје во 1960-тите години на 20 век. Застапени се и многубројните меѓународни спортски настани одржани во знакот на солидарноста, во периодот по 1963 до 1981 година. Во соработка со Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ, УКИМ – Скопје, е подготвено сеизмолошко катче, каде што посетителите имаат можност да ѕирнат во тајните на сеизмологијата.
Поставката е распоредена речиси низ целиот простор на Музејот на град Скопје. Изложените фотографии, паноа и артефакти се наместени според повеќе тематски целини, како Првите мигови по земјотресот – град во урнатини (26.7.1963); Спасување на затрупаните граѓани; Тито во Скопје (27.7.1963); Санитетска, солидарна и хуманитарна помош од Југославија и од светот; Скопје на првите страници на југословенскиот и странскиот печат; Евакуација; Културното богатство во урнатини; Град под шатори; Хрушчов во Скопје (22.8.1963); Расчистување на урнатините и санација на објектите; Карта на новите приградски населби изградени од август 1963 до јануари 1964 година; Меѓународна акција на ООН за праќање помош во Скопје; и Основање на манифестацијата „Средби на солидарноста“.
Разурнатиот град не ја заборавил испружената рака на светот. Отпечатоците на вредните раце на стотици луѓе од сите континенти оставиле свој впечаток на мапата на градот. Како симбол на благодарноста кон сите хумани луѓе во светот кои на најразлични начини ја изразија својата хуманост и солидарност во деновите кога на Скопје тоа му беше најпотребно, Градот на солидарноста изгради улици и во нив ја вмрежи мапата на светот. Улиците, како вени испреплетени во новото ткиво на Скопје, продолжија да го отчукуваат новиот пулс на градот кој повторно се роди и издигна од пепелта.
Изложбата со сите потресни сведоштва од земјотресот што во Скопје се случи пред 60 години во Музејот на град Скопје ќе биде отворена за посета до крајот на август, а влезот е слободен.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 189, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30.7.2023)