Илустрација - порака во шише / Фото: Freepik

Пријатели од Ирска пронашле порака во шише: Поради нејзината драматична содржина повикале полиција

Крис Харли (29) и Метју Ламинг (39) откако завршиле со работата одлучиле да ги посетат островите Аран во Ирска, не знаејќи што ги чека таму. Додека шетале по брегот, забележале стаклено шише во плиткото море, во кое имало парче хартија.

Шишето било запечатено со восок, па мислеле дека е нечија играчка, но решиле да го отворат и работите тргнале во поинаков правец, пишува „Мирор“.

Крис и Метју биле шокирани кога прочитале три збора на англиски јазик на парче хартија – Помош, Поздрав и СОС .

Остатокот од текстот бил мешавина од индонезиски, англиски и кинески, и гласела: „Испратете помош! Исчезнавме на 20 декември. Ние тројца сме тука, не го знаеме името на овој остров, повредени сме“.

На крајот од драматичната порака биле напишани кинески знаци, со потпис на Ли и името на бродот „Јонг Ју Синг 18“.

Крис и Метју објавија фотографии од пораката во шише на платвормата „Редит“ и го привлекоа вниманието на корисниците. Еден од нив го поврза повикот за помош со тајвански рибарски брод, чиј екипаж мистериозно исчезна во јануари 2021 година.

Контактот со екипажот, кој го сочинуваа капетанот Ли и девет индонезиски морнари, беше изгубен на 30 декември 2020 година, во водите во близина на островот Мидвеј во Северниот Пацифик.

Неколку дена подоцна, бродот беше пронајден, но без екипажот. По истрагата на индонезиските власти, беше утврдено дека нема докази за криминални активности и дека најверојатната причина за исчезнувањето на луѓето е природна катастрофа. Беше заклучено дека силна бура и бранови ги фрлиле морнарите во морето.

Крис и Метју отишле во полиција, ја предале пораката и сега чекаат повратни информации. Наредена е истрага, но прво мора да се утврди дали тоа е навистина последниот крик на исчезнатите морнари.

Засега нема докази за автентичноста на пораката, а приказната предизвика интерес низ целиот свет. Надлежните институции од Тајван и Ирска наводно размислуваат и за меѓународна потрага.

Здружението на рибари од Суао на Тајван го информираше семејството на капетанот Ли и ги повика властите да се вклучат, доколку се потврди дека пораката е автентична.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот