ВМРО-ДПМНЕ, Вреди Фото: Фејсбук Вреди

 Приговори за апсолутно, преговори за двотретинско мнозинство

Партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ се во трка да обезбедат двотретинско мнозинство, најверојатно со пратениците од Движењето ЗНАМ. Паралелно, се чека расплетот од прифатените приговори од ДИК за „петката“ каде може да дојде до промена во мандатите ако има изборно прегласување.

Работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата „Вреди“ денеска ќе седнат на маса да ги продолжат преговорите за состав на новата влада, откако изминатиот викенд на лидерско ниво беа утврдени начелата за владиното партнерство.
Паралелно, функционери од ВМРО-ДПМНЕ се во трка да обезбедат двотретинско мнозинство пред да се формира владата, најверојатно со пратениците од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, чиј претседател е Максим Димитриевски.
ВМРО-ДПМНЕ е на чекор и до апсолутно мнозинство од 61 пратеник како партија. по одлуката на Државната изборна комисија (ДИК) дека прегласување ќе има на седум избирачки места, и тоа на шест во Петтата изборна единица и едно во Шестата, што пак, според вкупниот број запишани гласачи може да влијае на промена на резултатот.

Тимот преговарачи на ВМРО-ДПМНЕ е на потпретседателско ниво

Според информациите на „Слободен печат“, договорено е преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“да ги водат тимови од по четири претставници, а по потреба во преговорите да се вклучат и лидерите. Тимот преговарачи на ВМРО-ДПМНЕ е на потпретседателско ниво, и тоа со Александар Николовски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриевска-Кочовска и Тимчо Муцунски. Тимот на коалицијата „Вреди“ ќе има четири преговарачи, односно по еден од четирите партии што ја сочинуваат. Од Алтернатива преговарач е организацискиот секретар Башким Муртези, од Алијанса на Таравари е одреден Башким Бакиу, додека Демократско движење на Изет Меџити и Беса на Билал Касами доправа ќе ги обелоденат преговарачите.

По лидерската средба, од двата табора информираа дека соработката ќе биде врз основа на три начела – евроинтеграции, забрзан економски развој и борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото.

Функционер на ВМРО-ДПМНЕ што нè брифираше се надева на пратеник повеќе по прегласувањето поради сигнали што ги добиваат од пратеници кои на изборите коалицирале со СДСМ и со Европскиот фронт, предводен од Али Ахмети. Според него, можно е некои партии кои на изборите настапија во коалиција со СДСМ постизборно да одлучат да се приклонат кон власта.

На ВМРО-ДПМНЕ ѝ е битно пред формирањето на новата влада да обезбеди 80 пратеници за да ги преструктуира министерствата, што е ветување од изборната кампања. За да го постигне тоа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, освен коалицијата „Вреди“ која засега брои 13 пратеника, во владата треба да ја вклучи и ЗНАМ на Димитриевски, која брои шест пратеника. Од ЗНАМ велат дека уште не добиле од ВМРО-ДПМНЕ официјална покана за преговори за новата влада.

ДИК прифати седум од 27 приговори

ДИК, пак, откако разгледа 27 приговори од партиите, прифати седум, и тоа шест во „петката“ и еден во Шестата изборна единица.
Во Петтата изборна единица, прифатени се приговорите за избирачките места 1.272 во Охрид, 1.194 и 1.202 во Крушево, 1.844 во Струга, 1.470 и 1.470/1 во Долнени. Во „шестката“ прифатен е еден приговор за избирачкото место 2.102 во Желино.
Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием. По ова, ДИК ќе прави процена дали прегласувањето ќе влијае на изборните резултати, по што ќе донесе одлука дали на тие избирачки места ќе се прегласува.

Според партиски извори, вкупниот број запишани гласачи на тие избирачки места во „петката“ е 3.521 избирач, што може да влијае на промена на резултатот. Според математиките, ако коалицијата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 300 гласа повеќе од актуелниот резултат, тогаш може да го добие единаесетиот мандат во „петката“ на сметка на Европскиот фронт, односно ДУИ, која би го изгубила четвртиот мандат во таа изборна единица. Исто така, шанси за мандат има и кандидатот од ЛДП, Боби Мојсовски, доколку неговата коалиција освои 110 гласа повеќе од сегашниот резултат. Тогаш пратеник би станал Мојсовски, а ќе отпадне Исмаил Јахоски од ДУИ.
Коалицијата „Вреди“, пак, има шанси за плус пратеник во „шестката“, на сметка на Европскиот фронт.
Калкулациите се дека ако ВМРО-ДПМНЕ добие плус мандат во „петката“, ќе има 59 пратеника, „Вреди“ би имала 14 пратеника, а можно е ако ЛДП ја смени страната, владејачката партија во Собранието да добие 61 пратеник, односно да има апсолутно мнозинство.

Европскиот фронт реагира дека со надгласување во ДИК сакаат да ги одземат нивните мандати за оваа коалиција, предводена од ДУИ, да не биде втора политичка сила во Македонија.

– Во петокот преку политички притисоци им се дадени партиски инструкции на членовите на ДИК. Ова претставува кривично дело и ќе ги преземеме сите мерки за заштита на демократскиот глас на граѓанинот. Веднаш по донесување на одлуката на ДИК, ќе поднесеме жалба до Управниот суд за координираниот обид на македонските партии и на албанската опозиција за одземање на мандатите од Европскиот фронт. Ја повикуваме меѓународната заедница будно да ги следи процесите, бидејќи повторно се инсталира заробена држава – вели Елми Азири од Европскиот фронт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!