
Претстојните избори се шанса за локалните власти да ги стават децата на прво место, порачаа од УНИЦЕФ
Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје денеска упати порака до локалните власти, во пресрет на изборите, како можност децата конечно да бидат ставени во центарот на политиките и одлуките.
Препорачано
– Речиси една третина од населението во земјава се деца, но тие и понатаму се непропорционално погодени од сиромаштија, исклученост и недоволни вложувања. Локалните власти имаат моќ да го променат тоа – се нагласува во соопштението.
УНИЦЕФ ги презентираше своите седум приоритети и една заедничка цел, децата на прво место. Приоритетите, како што велат тие се: поддршка на децата изложени на ризик од сиромаштија, премин кон едносменска настава, проширување на услугите за предучилишно образование и грижа, отстранување на бариерите за децата со попреченост, поддршка за децата во ризик од насилство, фокус на децата во локалните климатски и еколошки акции и промовирање здрава исхрана во и околу училиштата.
– Според податоците, 30 отсто од децата живеат под националниот праг на сиромаштија, а 43 проценти се соочуваат со различни облици на лишување, што е значително повеќе отколку кај возрасната популација. Во образованието, пак, две третини од петнаесетгодишниците не ги постигнуваат основните вештини во читање, математика и природни науки, а повеќето училишта и понатаму работат во две смени, што го ограничува времето за учење и воннаставни активности – велат од УНИЦЕФ.
Во делот на предучилишното образование, како што се наведува во соопштението, само половина од децата од 3 до 5 години посетуваат градинка, а пристапот е особено ограничен за децата кои живеат во сиромаштија, децата Роми и децата со попреченост. Недостигот од услуги за интервенција во раното детство и ограничените можности за поддршка се сериозни пречки за нивниот развој и вклученост во образованието.
УНИЦЕФ потсетува и на потребата локалните власти да преземат улога во заштита на децата во ризик од насилство, да обезбедат пристапни јавни простори и училишта за сите, како и да ги вклучат децата и младите во еколошките и климатските политики. Дополнително, особено внимание треба да се посвети на здравата исхрана во училиштата, каде што, според податоците, секое трето дете има зголемена телесна тежина.
„Одлуките што се носат на локално ниво за училиштата, градинките, парковите и јавните простори директно го обликуваат секојдневието на децата. Време е децата да бидат во сржта на тие одлуки“, порачуваат од УНИЦЕФ.