
Претставата „Одење и слични кореографски решенија“ на Филип Петковски ќе биде изведена пред македонската публика
Во рамки на годинашното издание на фестивалот Танц Фест, утре ќе биде изведена претставата „Одење и слични кореографски решенија“ на кореографот Филип Петковски пред македонската публика. Праизведбата на претставата ќе биде со почеток од 20 часот, на малата сцена на Националната опера и балет.
Препорачано
Инспирирана од бројни теоретизации за концептот кореографија, оваа претстава во шест слики критички и телесно го преиспитува процесот на создавање на кореографија, користејќи го одењето како најбазичното човеково движење од кое почнува и се раѓа телесно структурирање. Служејќи се со ритмика, физички театар и танц, претставата упатува критика кон потребата за спектакл заснован на комплексен танцов вокабулар и надчовечки тренинг за танцот да биде промулгиран и сметан за висока уметност.

Во претставата учествуваат Мими Поп Алексова, Дејан Битровски, Сара Цветковска, Давид Николовски и Борјан Ристовски.
За музиката се погрижија Давид Николовски, Виктор Филиповски и Горјан Стојменовски, Сашко Костов и Филип Петковски, а костимографијата е дело на Антонија Гугинска Јорданоска.
Претставата е во продукција на Националната опера и балет, а поддржана од Министерството за култура на С. Македонија.
Филип Петковски е кореограф, режисер и доктор на науки по културолошки студии и изведбени уметности.
До 2020 година, Петковски работи како асистент на Катедрата за светска уметност, култура и танц на УКЛА, a се јавува како режисер на девет театарски претстави во Македонија, Норвешка и САД.
Неговите кореографии „TrOp“ (2014) и „Common Ground“ (2015) беа премиерно изведени во Сегед, Унгарија и Лондон, Англија, додека неговите „Популус“ и „Елегија во пет здива“ премиерно беа прикажани во 2022 година на Скопје Танц Фест и во театарот Ј.Х. Џинот – Велес.
Освен со изведбени уметности, Филип се бави и со научно-истражувачка дејност и е автор на десет научни трудови објавени во интернационални зборници каде што истражува теми поврзани со танц, културно наследство, идентитет и национализам.