Туристички агенции/Фото: Слободен печат-Слободан Ѓуриќ

Претсезонските аранжмани турбо се продаваат, агенциите немаат официјално известување за новите правила за влез во ЕУ

Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора за „Слободен печат“, ги потврдува овие информации и додава дека сè уште ништо не е сигурно, ниту пак е официјализирано. Секој година повеќе од половина милион македонски граѓани патуваат за Грција, со што земјава е околу првите десетина земји од аспект на туристичките посети

Домашните туристички агенции сè уште немаат официјална информација за стартот на новите правила, кои вклучуваат електронска регистрација на патниците што влегуваат во земјите членки на ЕУ. Иако се тврдеше дека овој систем конечно ќе стане оперативен до средината на 2024 година, датумот беше одложен до ноември, но последните најави се дека тој се одложува до мај 2025 година, со можност тој рок повторно да се одложи.

Како што се претпоставува засега, причината е што системот за безбедност на границите на ЕУ, таканаречениот EEС или автоматизираниот ИТ-систем што во иднина ќе регистрира патници од трети земји секогаш кога ќе ја преминат надворешната граница на ЕУ, не е подготвен. Кога ќе почне да функционира, околу 1,4 милијарди луѓе од повеќе од 60 земји ќе мора да аплицираат за „инстант визи“ или овластувања за патување пред да заминат во ЕУ.

Патниците од земји што не се членки на ЕУ, од тој момент ќе треба да аплицираат за дозвола, која ќе чини околу седум евра. Инаку, новата постапка ќе биде задолжителна за сите што влегуваат во ЕУ од земји на кои досега не им беше потребна виза, што ги вклучува и Македонија, САД и Велика Британија. Инаку „инстант визите“ веќе постојат во САД, Канада, Австралија, додека самата идеја за воведување одобрение на ETИАС датира од 2016 година, но поради пандемијата, почетокот на имплементацијата беше одложен.
Туроператорите во земјава веќе наголемо ги продаваат претсезонските аранжмани за ова лето, па се надеваат дека навреме ќе ги добијат потребните информации за да ги предупредат клиентите. Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора, за „Слободен печат“ ги потврдува овие информации и додава дека сè уште ништо не е сигурно, ниту пак е официјализирано.

– Ништо не зависи од нас. Како ќе решат така ќе биде, иако досега неколкупати беше одложуван стартот на новите правила за патување во земјите на ЕУ. Ситуациите се менуваат од час во час, но доколку почне примената од мај, тоа ќе има големо влијание врз туристичката сезона. Штом ќе имаме нешто официјално, ќе ја известиме јавноста и ќе ги советуваме граѓаните – вели Керим.

Секоја година повеќе од половина милион македонски граѓани патуваат за Грција со што земјава е околу првите десетина земји од аспект на туристичките посети.

– Сè уште чекаме официјално известување, па немаме детални информации, дали навистина ќе стартуваат овие правила. И ние сме во недоумица, бидејќи има повеќе отворени прашања, кои секако мора да се одговорат пред сезоната. Доколку се воведат, граѓаните ќе мора сами да аплицираат, да пополнуваат формулари и на крајот да ја плаќаат оваа такса, што ќе биде дополнителен стрес и трошок за сите оние што ќе патуваат. Уште полошо е што таа ќе се совпадне со летните одмори, за кои има најголем интерес од нашите граѓани – велат во дел од туристичките агенции со кои контактираше „Слободен печат“.

Иако ЕТИАС не е исто што и виза, сепак постои процедура за која ќе мора да се плати, налик на американската шема ЕСТА. Постапката ќе биде побрза, онлајн и без биометриски информации во споредба со досега, а лицата од 18 до 70 години ќе ги чини седум евра. Засега е непознато дали за останатите ќе биде бесплатна или поевтина. ЕТИАС, односно Европски систем за информации и авторизација на патувања, требаше да стартува кон крајот на минатата година – објавија медиумите од соседството.
„Процесот на аплицирање ќе оди преку автоматизиран систем и во 95 отсто случаи, одобрението ќе биде издадено за неколку минути. Во исклучителни случаи, најдолгото време за чекање ќе биде до еден месец“, соопштија од Брисел. ЕТИАС-одобрението ќе биде валидно за неограничен број влегувања во ЕУ во рок од три години.

Поскапи таксата за престој во Грција

Туристичките работници потсетуваат дека од 1 јануари 2025 година сите хотели, вили, апартмани, студија и соби за изнајмување во Грција се должни на гостите да им наплаќаат повисок данок за престој – таканаречена туристичка такса. Според тоа, туристите во Грција ќе плаќаат дневна такса од 2 евра, што е зголемување од сегашните 0,5 евра. Оваа такса ќе се зголеми на 8 евра за време на шпицот на сезоната, односно од април до октомври. Дневната такса досега беше 1,5 евра.
Таксата за престој во хотели со висока оценка ќе биде 15 евра, додека другите сместувања ќе имаат помали даноци.

Како ќе се аплицира?

Дел од туристичките агенции со кои контактираше „Слободен печат“ се загрижени како граѓаните коишто не се доволно вешти во користењето современи технологии, ќе може да справат со пријавата што исклучиво ќе биде онлајн? Ова особено се однесува на постарите лица, кои се и најчести корисници на претсезонските патувања, бидејќи им одговараат на џебот. Неофицијално, тие се подготвени гратис да ја вршат оваа услуга за нивните клиенти, но не се знае дали тоа ќе биде дозволено.

– Она што ЕУ го предвиде е дека лицата под 18 години и постарите можат да овластат трето лице да ги пополни тие податоци на порталот во нивно име. Нешто повозрасните граѓани, ќе можат да овластат некој од семејството, роднините или да се обратат во туристичка агенција или осигурителна компанија, која ќе ја изврши исплатата во нивно име и за нивна сметка – објаснува Александар Сеничиќ, директор на ЈУТА за Б92.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот