Елина Валтонен / Фото EPA-EFE/TOMS KALNINS

Претседавачката со ОБСЕ вели дека со загриженост ги следат извештаите за инциденти на протестите во Србија

Претседавачката со ОБСЕ и министерка за надворешни работи на Финска, Елина Валтонен, денеска во Белград изјави дека ОБСЕ со загриженост ги следи неодамнешните извештаи за инциденти за време на демонстрациите во Србија и нагласи дека е важно да се намалат тензиите и да се избегне провокативна реторика, пренесува Данас.

Валтонен им изјави на новинарите по средбата со министерот за надворешни работи, Марко Ѓуриќ, дека мисијата на ОБСЕ е да и помогне на Србија да изгради силни, независни, одговорни и ефикасни демократски институции, како и да ја поддржи работата на граѓанското општество.

„Сите имаме должност да ја заштитиме слободата на собирање и говор, што се фундаментални права“, рече Валтонен.

Таа нагласи дека ОБСЕ е посветена на ангажирање во регионот, како и на зачувување на долгогодишното партнерство со Србија.

Според неа, силното партнерство со Владата на Србија, независните институции, медиумите, претставниците на националните малцинства и академската заедница е клучно за напредок и постигнување одржливи долгорочни реформи и граѓански слободи во Србија.

Ѓуриќ рече дека Србија е длабоко посветена на зачувување на принципите на ОБСЕ и цврсто верува дека почитувањето на принципите на суверените држави и мирното решавање на споровите се основа за зачувување на мирот и сеопфатниот просперитет.

Кога станува збор за внатрешните предизвици, Ѓуриќ ја пренесе посветеноста на Владата на Србија да ги реши сите внатрешнополитички предизвици и прашања демократски, преку дијалог, користејќи ги европските и демократските принципи и стандарди.

Зборувајќи за ситуацијата во Косово, Ѓуриќ изјави дека ја информирал Валтонен за тешката состојба на српската заедница и ги повикал Србите од Косово, како и другите граѓани, да учествуваат на претстојните локални избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот