Совет на обвинители/ Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Претседателката на обвинителскиот совет нема намера да ја следи Дамева: Не размислувам за оставка

По оставката на Весна Дамева од претседателската функција на Судскиот совет и најавите на премиерот Христијан Мицкоски за робусна акција против корумпираните судии и обвинители и дека секој кој не ги дал потребните резултати во работата треба да си даде оставка по примерот на Дамева, претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска, сепак, не размислува да даде оставка од претседателското место на обвинителскиот совет.

– Нам како институција на прво место ни е борбата со корупцијата и придонесот во таа борба. Ние значи сме на иста линија со сите институции кои се залагаат за борба против корупцијата. Сметам дека ние како институција во ниту еден момент не сме дозволиле да бидеме посочени во негативен контекст во ниту еден од извештаите од домашните и меѓународните експерти. Сметам дека нашата работа ја вршиме согласно Законот, согласно нашите надлежности, непристрасно, објективно и така ќе продолжиме – изјави Димитриеска по седницата на Советот на јавни обвинители.

Таа не сакаше да ги коментира најавите на премиерот, но на новинарското прашање дали ќе поднесе оставка беше децидна: „Не, не размислувам“.

– Јас не можам да коментирам изјави на политичари, секој во рамките на своите надлежности ги дава своите изјави. Јас лично сметам дека институцијата Совет на јавни обвинители, како самостоен државен орган кој ја гарантира самостојноста на јавните обвинители, работи успешно, согласно Законот – додаде Димитриеска.

Не се откажува ниту од УО во Академијата за судии и обвинители

Таа нема да се откаже ниту од членувањето од Управниот одбор во Академијата за судии и јавни обвинители, иако Државната комисија за спречување на корупцијата најави дека ќе преземат мерки во рамките на нивните надлежности ако не биде испочитувана нивната одлука дека членови на Судскиот и Советот на јавни обвинители не може да учествуват во Управниот одбор на Академијата.

– По однос на членувањето беше одржана посебна седница со посебна точка на дневен ред. Членовите ги искажаа своите ставови дека нема никаква законска пречка за членување, ниту има совпаѓање на функциите. И досега членови на Советот учествувале во УО, и тоа никогаш не било доведено до прашање од сите надлежни институции. Одлуката е неподобна за извршување и е наведено дека постапката за членување во управите одбори се запира, а запирањето е донесено врз основа на одредба на Деловникот на ДКСК, членот во кој се наведува дека постапката се запира во случај кога нема да биде утврдена повреда на законот. При една таква состојба, кога во самата изрека се наведува дека постапката се запира од погоренаведеното, а потоа се укажува дека се постапило спротивно на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители и Законот за судир на интереси, сметаме дека одлуката е неизвршна – објасни Димитриеска.

И претставниците на САД и на Европската унија веќе испратија пораки до власта да се обезбеди самостојност и политичките актери да не се мешаат во правосудството. Заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија, Бен Наупмнау, во обраќањето на Меѓународниот ден за борба против корупцијата рече дека обврска на Владата, на Парламентот, на општините и на државните институции е да ги исполнат обврските од реформската агенда, а зборовите да се претворат во дела. Тој порача и дека граѓаните и партнерите очекуваат распределба на доволно средства за да се обезбеди самостојност на правосудниот систем, да се зајакне Обвинителството и другите институции, да имаат доволно материјални и човечки ресурси и редовно да се пополнуваат испразнетите места во судството.

– Компетентноста, професионалноста и интегритетот треба да станат правило, а не исклучок. Граѓаните и партнерите очекуваат нов Закон за судскиот совет, нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и препораките на Европската комисија. Се очекува да се подигнат обвиненија, да се донесат пресуди за случаи на висока корупција, да има замрзнување на приходите од имот – изјави заменикот на амбасадорот на ЕУ.

Меѓународната заедница бара од власта да обезбеди самостојност во правосудството

Слична порака испрати и Вирџинија Елиот, директорката на Канцеларијата за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ) при Амбасадата на САД – да му се овозможи на судството да работи без политички притисок или влијание.

– Ќе продолжиме да ги поздравуваме светлите точки во судството, храбрите кои не потклекнуваат на притисоците однадвор. Затоа ве повикувам, како што неодамна амбасадорката Агелер порача – одберете акција наспроти самооправдување, пркос наспроти оставка, храброст наспроти страв. Сметаме на вас, исто како и сите граѓани – рече Елиот.

Оставка не планира да даде ниту републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски кој, иако постојано е мета на власта, рече дека ќе работи чесно и законски и дека ако некој смета дека треба да биде разрешен, тоа треба да се направи согласно Законот со јавни обвинители. Тој изготви упатство до обвинителите да им се даде приоритет на случаите од висока корупција и од јавен интерес.

Советот на јавни обвинители на завчерашната седница донесе заклучок дека републичкиот обвинител Коцевски не им вршел влијание на суспендираниот шеф на скопското Вишо обвинителство Мустафа Хајрулахи и на јавниот обвинител во Вишото обвинителство Јован Цветановски кои поднесоа претставка до Советот, со тврдење дека Коцевски им вршел притисок за предметот „бонусите на СЈО“.

– До Советот на јавни обвинители беше поднесено известување со прилог на службени белешки од вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Скопје и јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Скопје. Ние побаравме од јавниот обвинител на Република Северна Македонија да се произнесе во однос на наводите што беа изнесени во однос на службените белешки. По добивањето на известувањето на јавниот обвинител, ја закажавме оваа седница со цел да бидат разгледани наводите од двете страни, и по дискусијата и разгледувањето на известувањата, членовите на Советот донесоа заклучок дека не е извршено влијание врз работењето на вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Скопје и на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство и не е нарушена самостојноста на нивното работење од страна на републичкиот јавен обвинител – рече претседателката на Советот.

Тврдењата на Коцевски во јавноста за овој случај беа дека Хајрулахи бил повикан поради нарушени меѓучовечки односи во Вишото обвинителство, за што против него е поднесена и кривична пријава. Предметот за бонусите што ги земале обвинителите на поранешното Специјално јавно обвинителство се врати во Обвинителството под раководство на Ислам Абази, односно Цветановски го „оживеа“ и сега ќе се истражува дали ќе има кривична одговорност или не.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот