ПРЕСВРТ | Љупчо Пренџов, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ

ПРЕСВРТ | Година под лупа: Што испорача власта, што остана на хартија и каде се потфрли?

Во новата и последна епизода за овој циклус на емисијата „Пресврт“, гостува пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов. Во студиото на „Слободен печат“, со Пренџов разговаравме за првата година од мандатот на владата – што е реализирано, каде се направија клучни грешки и кои се приоритетите што остануваат до крајот на четиригодишниот циклус.

Го отворивме и прашањето за политичката стабилност – по распадот на Алијансата за Албанците и преминувањето на пратеници во опозиција, дали власта ќе успее да обезбеди бадентерово мнозинство за клучните закони?

Во фокус се и претстојните локални избори, амбициозната најава на Христијан Мицкоски дека СДСМ нема да освои ниту една општина, како и процесот на внатрепартиска селекција на кандидати. Кои се имињата за градоначалници со кои власта ќе бара доверба од граѓаните на претстојните локални избори.

Се осврнавме и на темата за застојот во Скопје, анкетите за рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ, економските предизвици и барањата од НАТО за повисоки одбранбени трошоци – сето тоа низ објектив на партија што сега ја носи одговорноста за државата.

– Владината коалиција е повеќе од стабилна. Таа брои речиси две третини во Собранието на Република Македонија, што одамна не било случај. Тоа е фактичката состојба. Кога имаме закон, го носиме – изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, за „Слободен печат“.

Говорејќи за тековната состојба со Изборниот законик, Пренџов посочи дека околу ова прашање традиционално постои поширока политичка согласност и дека очекува поддршка и од опозициските партии.

Љупчо Ренџов

– Обично, кога станува збор за Изборниот законик, постои разбирање меѓу сите политички чинители – и СДСМ, и ДУИ, и ние како владејачко мнозинство. Доколку понудиме квалитетно законско решение што е во интерес на граѓаните, тогаш е тешко некој да го одбие – без разлика дали се работи за Таравари, Ахмети или Филипче. Денес, сè е јавно и транспарентно – имаме портали, подкасти, Собраниски канал – и таквите одлуки се под лупа на јавноста – рече Пренџов.

Тој додаде дека, според неговите информации, поддршката за новиот изборен законик, кој се подготвува во рамки на Министерството за правда, е речиси сигурна.

– Очекувам поддршка од сите пратеници. Законикот е во завршна фаза и верувам дека ќе биде изгласан со широка политичка согласност – истакна Пренџов.

Целиот разговор со пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Пренџов, можете да го погледнете вечер во 19.00 часот на каналот на Јутјуб  и порталот на „Слободен печат“ во емисијата „Пресврт“ со Дејан Србиновски. 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот