
Пренџов: Стратешкиот договор со В. Британија нуди многу поволности, ќе ја направиме Македонија подобро место за живеење
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов вели дека стратешкиот договор со Велика Британија е транспарентен и јасен, тој зборуваше и за тоа кои се бенефитите од тој договор за Македонија.
Препорачано
„Ние имаме план, Република Македонија да ја направиме подобро место за живеење. Тој план го реализираме секојдневно, од почетокот на овој мандат, па сè до ден денешен. Ние секојдневно гледаме дека се остваруваат нови проекти во општините, фирмите земаат кредит и сега сакам да кажам дека работите во Република Македонија се движат на подобро и тоа е добро. Во поглед на овој договор, разликата, почитувани колеги, е огромна. Не правиме никакви деловни тајни. Договорот е јавен, јавно го имаме во Собрание, сè е јавно, јасно и транспарентно. Овој договор е влада со влада, Британија е држава којашто ќе ги даде своите знаења во Македонија, ќе помага и 30% од работите ќе бидат изведени од нив. И трето, ќе си има јавни набавки и оној којшто е најдобар во Македонија ќе работи и оној којшто е најдобар во Британија ќе работи“, рече Пренџов во вчерашната емисија „24 Отворено“ на ТВ 24.
Тој ги наведе сите позитивни страни кои произлегуваат од стратешкиот договор, како и дека станува збор за крупни проекти кои ја придвижуваат економијата во државата во нагорна линија, како изградбата на брзата пруга и целиот тој бенефит од истата.
„Ќе имаме брза пруга, сега е таа 235 км, ќе ја скратиме на под 200 км, ќе оди до 160 км на час. Ќе имаме товар, значи ќе се носат од пристаништето во Солун, од Кавала, од Атина, каде што ќе заработуваат меѓу 100 и 120 милиони евра годишно. Само што ќе поминуваат стоките од Македонија, државата ќе инкасира 120 милиони. Ако една пруга чини 2 милијарди, за 15-17 години, таа пруга сама од себе ќе се исплати. Ова се крупни проекти. За овие проекти, мораме да станеме сите, од прв до последен. И сакам да кажам дека каматната стапка ќе биде најниска“, рече Пренџов.