Фото: Слободен печат

Преку две третини од производите што ги јадеме се од увоз – никој не сака да биде земјоделец

Земјоделското производство се намалува, а главните причини за тоа се климатските промени, иселувањето, стареењето на руралната популација и незаинтересираноста кај младите за земјоделието, наведоа експертите-учесници на 25. Форум за земјоделска политика, што денеска и утре се одржува во Охрид во организација на Постојаната работна група за регионален рурален развој (SWG) во Југоисточна Европа и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тие велат дека треба итно да се применат позитивните практики од Европа за да се спаси македонското земјоделство.

Професорот од Земјоделскиот факултет во Скопје, Ордан Чукалиев, рече дека климатските промени се само еден од сегментите, додека поголем проблем е тоа што земјоделството во земјава е многу расцепкано, Важна е и просечната старост на земјоделецот, вели професорот.

„Нашата просечна фарма е два хектари, што е малку за да живееш од нејзе, тоа не е економски профитабилно стопанство. Втор проблем е возраста, во 2015 година возраста на просечниот македонски земјоделец беше 56 години, од тогаш многу малку млади влегуваат во секторот, сега нашиот просечен земјоделец е постар од 60 години. Најголем дел од македонските земјоделци се со незавршено или завршено основно образование“, рече Чукалиев.

На настанот беше кажано дека намалувањето на производството ја направило земјава целосно зависна од увозот на земјоделски производи, од кои над 70 отсто се увезуваат во Македонија.

Генералниот секретар на постојаната работна група, професорот Бобан Илиќ, смета дека земјоделскиот сектор не е атрактивен за млади луѓе, а процесот на иселување е европски тренд.

„Имаме напуштање на селата. Процес на иселување и стареење на руралната популација. Тоа не е својствено само за Македонија, тоа е европски тренд. Потребна е регенерација на руралните региони, за што во повеќе земји во Европа се основаат и посебни министерства кои работат на проблематиката“, вели Илиќ.

Според учесниците на Форумот, најпогодени од климатските промени се централниот и источниот дел од Македонија, во кои има повеќе зголемени температури, сушни периоди, мало количество дожд и недоволната концентрација вода во акумулациите за наводнување на земјоделските површини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот