
Предлог-буџет за 2025 година: Власта нуди развој на државата, опозицијата критикува дека се бара алиби за нови задолжувања
Владата го усвои Предлог-буџетот за 2025-та и во него економскиот раст е проектиран на ниво од 3,7 проеценти, буџетскиот дефицит на четири проценти од БДП, а инфлацијата на 2,2 проценти. Тој содржи политики и мерки за фискална консолидација и дисциплинирано даночно трошење, како и мерки и политики за поттикнување на економскиот раст, истакна пред почетокот на општата расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Препорачано
– Со еден збор креиравме Буџет којшто треба да носи вистински развој на државата. Капиталните расходи се на ниво од 50,65 милијарди денари, односно зголемување за 13 проценти или 6 милијарди денари во однос на ребалансот на Буџетот за годинава. Дополнително, износот на капиталните расходи е повисок од номиналниот износ на дефицитот – рече министерката за финансии.
Инаку, вкупните приходи се планирани на ниво од 358,838 милијарди денари или за 13 проценти повеќе, а порастот се темели на поефикасната наплата и борбата со неформалната економија. Вкупните расходи се на ниво од 400,2 милијарди денари или за 10 проценти повеќе во однос на годинава, а дефицитот е на ниво од 41,350 милијарди денари и номинално е понизок за 3,3 милијарди денари.
-Со Предлог-буџетот се поставени темелите за стабилизација на јавните финансии и економскиот раст – рече Димитриеска Кочоска.
Според пратеникот од СДСМ, Венко Филипче, она што го нуди Предлог-Буџетот се нереални проекции и неодговорни трошења.
-Ова требаше да биде Буџет со развојни политики, но од ветувањата на Владата нема да има ништо, оти тие се без никаква креативност, а Буџетот ќе биде генератор на нови долговои. Владата проектира раст на БДП од 3,7 отсто, НБРСМ – 3,3 отсто, а Светска банка – 2,5 отсто, што значи дека Владата на овој начин бара изговор за зголемен дефицит и зголемени задолжувања. Опозицијата најави дека нема да даде поддршка на Предлог-буџетот затоа што според нив тој е нереален и неразвоен. Пратениците од СДСМ поднесоа над 200 амандмани.
Комисиската расправа, според новиот Деловник, би можела да трае до 30 ноември по што Предлог-буџетот треба да биде донесен на пленарна седница. Претседателот на Собранието Африм Гаши во интервју за МИА соопшти дека во втората половина на декември се очекува Предлог-буџетот да се најде на пленарна седница.