Илустрација банкомат / Фото Архива

Пред да се одземе лиценца на некоја банка, ќе се спасува со посебен фонд

Средствата на Фондот за решавање банки изнесуваат најмалку 1 процент од износот на вкупните покриени депозити во банките во Република Северна Македонија, пишува во Предлог-законот за решавање банки

Покрај постојниот фонд за осигурување депозити, ќе се формира и фонд за решавање банки, кој е предвиден во Предлог-законот за решавање банки. Со Фонд за осигурување депозити, како и досега ќе се обесштетуваат гарантираните влогови на штедачите во пропаднати банки, а со Фондот за решавање банки ќе се преземаат последните можни чекори за да не пропадне некоја банка. Но, и постојниот Фонд за осигурување депозити ќе претрпи измени, затоа што се предвидува промена на постојниот Закон за осигурување на депозити. Главните досегашните забелешки за овој фонд е што има обесштетување депозит најмногу до 30.000 евра и што нема никаква минимална гарантирана сума за депозитите на компаниите. Засега, не се знае дали овие клучни забелешки ќе се земат предвид при промената на регулативата.

Според Предлог-законот за решавање банки, средствата на Фондот за решавање банки изнесуваат најмалку 1 процент од износот на вкупните покриени депозити во банките во Република Северна Македонија. Овие пари ќе се користат во решавање банка која всушност исполнува услови за одземање дозвола за работа, но чие пропаѓање, односно стечај би можело да има негативно влијание врз економијата (од аспект на активностите што ги врши банката) и врз финансиската стабилност.

Парите ќе може да се користат според точно утврдени услови и намена, во постапката на решавање банка, меѓу другото за одобрување гаранции за средствата и обврските на банката што се решава, за уплата на капитал на преодната институција каде што се пренесуваат средствата и обврските на банката што се решава …

Со предлог-законот за решавање банки, надлежен орган за решавање на банките е Народната банка. Оттаму за „Слободен печат“ велат дека целта на новиот закон ќе биде натамошно јакнење на финансиската стабилност.

– Со предлог-законот всушност ја имплементираме новата европска директива во сегментот на решавање банки. Концептот на Директивата за воспоставување рамка за закрепнување и решавање кредитни институции и инвестициски фирми 2014/59, е таков што покрај стечај или ликвидација на банка, предвидува постапката на решавање банки со сериозни проблеми во своето работење, но само во исклучителни ситуации што се поврзуваат со јавен интерес. Постапката на решавање започнува само доколку се исполнети условите предвидени во предлог-законот. Тоа значи да е утврдено дека банката не може или веројатно не може да продолжи да работи, не постојат други мерки што би можеле во разумен временски рок да се преземат за банката да продолжи да работи и особено значаен е условот решавањето да е јавен интерес, односно да е значајно од аспект на зачувување на стабилноста на целокупниот финансиски систем. Во тој случај, се активираат инструменти што обезбедуваат одреден вид континуитет на работењето на банката – изјавија од Народната банка.

Инструментите за решавање банка предвидени со Законот се: внатрешна распределба на загубите, продажба на дејноста, преодна институција и издвојување на активата.

– Со инструментот внатрешна распределба на загубите се спроведува отпис или претворање на обврските на банката во акции или други капитални инструменти и се спроведува план за реорганизација на банката. Останатите инструменти за решавање се инструменти со кои се пренесуваат целосно или делумно акциите и/или средствата и обврските од банката што се решава на друга банка, преодна банка или на друго правно лице (друштво примач).
Целта на постапката на решавање банка е да се избегне значително негативно влијание врз финансиската стабилност, да се задржи континуитетот на функциите на банката што се сметаат за критични функции (на пример, прибирање депозити, кредитирање, платежни услуги итн.), а притоа да се сведе на минимум користењето јавни средства – појаснија од Народната банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот