Собрание седница / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Пратениците втор ден расправаа за разрешување на Зендели од член во собраниска комисија

Собранието утре ќе ја продолжи 64-тата седница во чии рамки втор ден расправаше по првата точка од дневниот ред – Предлог-одлуката за разрешување на пратеникот Фадил Зендели од Движење Беса од член на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.

Пратениците од опозицијата и во попладневниот дел од расправата обвинуваа за преседан со кој власта го крши собранискиот Деловник и Уставот на државата. Сметаат дека разрешувањето на пратеникот е нелегитимно, а целта e со ново комисиско мнозинство власта да постави свои судии во Уставниот суд. За пратениците од владејачкото мнозинство, пак, одлуката е во согласност со одредби во Деловникот кои налагаат пресликување на пратеничките места од партиите во составите на работните тела.

Опозицијата обвини дека власта ги дели пратениците на подобни и неподобни затоа што пратеникот Зендели, велат, бил добар кадар кога станал пратеник, во август 2020, а по неговото преминување од мнозинство во опозиција и кога дал оставка од потпретседател на Собрание, тој станал неподобен и затоа власта вчера поднела предлог-одлука за негово разрешување.

Бастри Бајрами од Беса рече дека се работи за штетен преседан од кој ќе има последици Собранието. Праша што не им се допаднало во работата на Фадил Зендели како пратеник во времето додека биле дел од мнозинството.

– Зендели размислува со своја глава, конструктивен е и соработува. Не сум слушнал забелешка за неговата работа. Тој се повлече од позицијата потпретседател на Собранието, но не може да побарате да не биде пратеник бидејќи мандатот му го доделуваат граѓаните, рече Бајрами.

Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ рече дека власта во оваа Комисија го изгуби мнозинството по локалните избори и со стопирање на нејзината работа оневозможува брз избор на состав на Уставниот суд и дека со менување на пратеничкиот сооднос и со мнозинство во оваа Комисија сака да го партизира и Судот.

-За власта е проблем што Зендели одлучил да не мисли како власта и затоа таа одлучи Комисијата да не функционира додека не се избере ново мнозинство, рече Јаулевски.

Неговиот сопартиец Миле Лефков рече дека неделовничко и незаконско разрешување на член на комисија е театар во Собранието поради изборот на уставните судии.

-Тоа е целта на владата зашто и е потребно целосно да биде заштитена доминацијата на извршната власт над законодавната власт, рече Лефков.

Според Гордана Силјановска-Давкова, главната забелешка е на постапката која, како што рече, не може да почне на пленарна седница, туку треба да почне во телото чиј член е оној што се разрешува или кога ќе се избира оној што треба да стане член.

-Првиот човек на Парламентот многу убаво кажа во една емисија дека без да дојде предлог од Комисијата нема да дозволи „силување”, ама во меѓувреме нешто се случило, некој блицкриг, зашто претседателот е сега првопотпишан на Предлог-одлуката. Вечерва да тврдите едно на емисија, а утре, четири минути пред седница, прв да се потпишете, значи дека нешто големо се случило, рече Силјановска-Давкова.

Оваа комисија е најважна заради кадровската политика, посочи таа, и повика да се размисли за уставни измени во врска со изборот на најважните функции. Во однос на изборот на уставни судии рече дека нашата држава е единствена во светот која нема закон за Уставен суд.

Основната цел на власта, смета Силјановска-Давкова, е окупација на институциите и токму поради тоа, рече таа, „државата ја нарекуваат партиска држава – затоа што нема сериозни критериуми за влез во институциите”.

На обвинувањата од опозицијата дека со Предлог-одлуката да се разреши опозициски член се партизира Комисијата и се блокира нејзината работа, Лидија Тасевска од СДСМ реплицираше дека не се работи за партизација туку дека парламентарното мнозинство мора и треба да се преслика и во комисиите односно во работните тела на Собранието.

-Зборот блокира одговара на вашето делување во Собранието како опозиција, им одговори Тасевска на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека десет месеци во Комисијата за образование со, како што рече, „бескрајни процедурални забелешки” се блокира Законот за наставници, како и носењето на законите за Армијата, изградба на нов клинички центар, важни закони за земјоделците…

Пратеничката на СДСМ Лолита Ристовска додаде дека ВМРО ДПМНЕ блокира 87 закони, а 21 се блокирани во комисијата за финансирање и буџет со која раководи опозицијата.

Предлог-одлуката за разрешување член на Комисијата за прашања на изборите и именувањата е поднесена од Талат Џафери, Јован Митрески, Горан Мисовски, Диме Велковски, Снежана Калеска Ванчева, Дарко Каевски, Даниела Николова, Боби Мојсоски, Панчо Минов, Марија Георгиевска, Жаклина Лазаревска.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот