
Познатиот турски писател Ахмет Умит ќе биде ѕвездата на фестивалот „Букстар“
Турскиот писател Ахмет Умит ќе биде специјален гостин на годинешниот фестивалот на европската книжевност „Букстар“, кој се одржува во Скопје, објавија организаторите. Тој ќе биде дел од програмата на странски автори кои оставиле значаен белег во светската книжевност.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Ахмет Умит е еден од најзначајните и најчитаните современи турски писатели, познат по своите детективски романи, но и по длабока рефлексија на историските, политичките, социјалните и митолошките теми во своето творештво, што го прави уникатна појава во европската литература.
Умит е роден во Газиантеп, Турција, во 1960 година. Образованието го стекнува на Катедрата за јавна администрација при Универзитетот „Мармара“. Во периодот 1985–1986 година студира политикологија на Академијата за општествени науки во Москва. Во 1989 година го објавува своето прво книжевно дело — збирка поезија. Во 1992 следува негова прва книга раскази. Романот „Магла и ноќ“ од 1996, се смета за ремек-дело на детективската книжевност.
Еве како самиот тој го објаснува своето творештво во интервју од 2024 година: „Јас не бев свесен дека пишувам криминалистичка литература. Човек обично одлучува: ‘Ќе напишам филозофски, љубовен, историски роман’. Има правец, знае што сака. Јас не бев таков. Подоцна некој ми рече: ‘Ти пишуваш крими-романи.’ Од мојата 14-та до 30-та година имав многу динамичен живот. Бев активен на политички план од 1974 до 1990 година. Тој период беше суров со мене. Бев ранет, застрелан, ја напуштив државата со лажен пасош; буквално живеев како Џејмс Бонд. Така што, после такво минато секако дека ќе пишуваш на таков начин.“
Умит не само што пишува романи и раскази, туку е автор и на графички романи, а дел од неговите книги се адаптирани на филм, телевизија и театар. Го нарекуваат и турскиот мајстор на крими-трилерите исполнети со импресивна историска и општествена позадина. Делата му се преведени на многу јазици, а влијанието на неговото творештво се чувствува во целиот свет. Филмот „Збогум, моја убава татковино“ е направен според негово сценарио.
Во 2006 година, благодарение на романите „Патасана“ и „Белезијата на Нината“, бил избран за член на Турскиот институт за антиквитети, а во 2023 бил избран за член на Германскиот археолошки институт. Бил и водител на ТВ-емисијата „Градот во кој живееш“, посветена на подигнување на свеста за урбаната култура, зачувување на историјата на градовите и развој на мултикултурализмот.
Неговата присутност на социјалните медиуми е импресивна, со речиси 900 000 следбеници на платформата X и 180 000 следбеници на Инстаграм. Годинава Умит имаше американска турнеја во чиј склоп одржа предавања на California Language Academy во Лос Анџелес и на Универзитетот Стенфорд во Сан Франциско.
Гостувањето на Ахмет Умит на BookStar е најавено под насловот „Мајсторот е тука!“ и е во соработка со „Ramstore Mall“. Во ексклузивното соочување со познатиот турски писател Ахмет Умит, ќе зборува за своето богато творештво, инспирациите зад неговите книги и за улогата на книжевноста во општеството, а ќе се отвори и прашањето за поврзаноста меѓу историјата, културата и урбаните митови во неговите дела, како и за глобалниот одѕив на неговата проза, преведена на повеќе од триесет и пет јазици. Подетални информации за датумот, локацијата и програмата ќе бидат објавени наскоро.
На македонски јазик досега му се преведени дванаесет од дваесеттината книги што е потврда за неговата огромна популарност и во Македонија, каде што е познат како авторот што стои зад „Мементо за Истанбул“,приказна со која читателот магично стекнува моќ да патува во времето. Седум убиства, седум владетели, седум монети и седум историски споменици, поврзани преку историјата на еден од најтаинствените и најимпресивни градови во светот.
Ахмет Умит се придружува на долгата листа реномирани и познати авторски имиња од цела Европа кои досега учествувале на BookStar: Јела Кречич-Жижек, Јуси Адлер-Олсен, Славенка Дракулиќ, Михал Вивег, Кадер Абдолах, Евгениј Водолазкин, Марко Шелиќ Марчело, Николо Аманити, Софија Лундберј, Ирса Сигрдардотир, Сјон, Влада Урошевиќ, Светлана Алексиевич, Игор Штикс, Кристина Гавран, Наџат ел Хачми, Миљенко Јерговиќ, Стефан Хертманс, Кристијан Новак, Јон Калман Стефансон, Здравка Евтимова, Жозе Луиш Пејшото итн.
Останатите учесници што досега се најавени од страна на организаторот:
Александар Прокопиев (1953), македонски современ класик, добитник на меѓународната награда „Балканика“ за романот „Човечулeц“ (2011).
Оливера Ќорвезироска (1965), актуелен добитник на Рациновото признание 2025 за романот „Три Марии“.
Онджеј Штиндл (Чешка, 1966), добитник на престижната награда „Фердинанд Пероутка“ за големата улога во медиумите и културата и чешки преставник за Наградата за литература на Европската Унија за романот „Толку многу пепел“.
Мајнхард Раухенштајнер (Австрија, 1970), раководител на Одделот за наука, уметност и култура на Претседателот на Австрија и автор на пет збирки раскази и кратка проза.
Калина Малеска (1975), актуелна добитничка на наградата Роман на годината од Фондацијата „Славко Јаневски“ 2024 за романот „Светот што го избрав“.
Петра Клабоухова (Чешка, 1980), чешка писателка и новинарка која работела и како музички менаџер за рок-артисти меѓу кои и за Hollywood Vampires (Алис Купер, Џони Деп и Џо Пери).
Жарко Кујунџиски (1980), актуелен добитник на наградата „Стале Попов“ 2024 за најдобра прозна книга, за збирката раскази „Приказничар“.
Шоле Резазаде (Иран/Холандија, 1989) добитничка на Специјалното признание од Наградата за литература на Европската Унија (2024) за романот „Знам планина што ме чека“.
Иван Антоновски (1990), актуелен добитник на наградата „Ванчо Николески“ 2024 за најдобра книга за деца за „Бакнежи на небото“.
Дијана Петрова (1992), актуелна добитничка на престижната награда за најдобар расказ „Живко Чинго“ (2025).
Фестивалот „BookStar“ 2025 се одржува под слоганот „За писателцките работи“ и е поддржан од Министерството за култура и туризам, Комерцијална банка и издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања се реализирани и со поддршка на Наградата за литература на Европската Унија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Чешка, како и на Чешкиот литературен центар. Официјален фестивалски пијалак е „Скопско“. Дизајнот на плакатот е дело на Гордана Вренцоска. Медиумски покровител на настанот е Македонската радио телевизија.