
Повторно има ѓубре во околината на „Песталоци“, центарци бараат да се дочисти просторот
Разурнат и напуштен објект позади катната гаража во населбата Буњаковец, но и отпад близу и во дворот на училиштето „Песталоци“ и понатаму им создаваат грижи на граѓаните што живеат во овој регион.
Препорачано
Центарци се жалат дека е полно е со ѓубре, искршени стакла и друг отпад покрај оградата на дворот и околу училиштето и покрај тоа што Општина Центар најави дека просторот се расчистува и се сороведува дератизација, откако граѓани алармираа дека се забележени стаорци и стравуваа од зараза.

Граѓани во објава на Фејсбук – групата „Во одбрана на Буњаковец“ посочуваат дека просторот не е доисчистен и дека сѐ уште има ѓубре погодно за размножување на глодари.
Пред десетина дена од Општина Центар информираа дека по пријава на граѓаните за појава на глодари oколу напуштениот објект зад катната гаража во Буњаковец, веднаш интервенирале на терен.
Просторот се расчистува и се спроведува дератизација за да се спречи нивно размножување и ризик од зарази. Утре ќе продолжиме со чистење и дератизација на објектите зад училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“. Ги повикуваме граѓаните редовно да пријавуваат вакви случаи за навремено да се преземаат мерки – соопштија тогаш од Центар, објавувајќи фотографии како се расфрла отров за глувци во напуштениот објект.
Граѓаните веднаш реагираа дека дератизација се прави во атмосферска и фекална канализација и дека не се расфрла отров по импровизирани живеалишта и сокаци, затоа што тоа е опасно за децата, милениците и за уличните животни. Од Општината посочија дека постапката се спроведува редовно од стручни лица од Центарот за јавно здравје и не носи никаква закана за кучињата, мачките и другите животни.

Апелираме неквалификувани и нелицецирани лица и организации да не изнесуваат погрешни, лажни и вознемирувачки информации во јавноста, без разлика на нивните мотиви и интереси -посочија од Општината.
Дали тоа беше причината зошто до крај не се спровело чистењето не е познато, но граѓаните апелираат општинските екипи да си ја завршат работата што ја започнале.