Знамето на Европската унија
Знамето на Европската унија / Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Повеќе од 2.000 европски академици бараат ЕУ да го раскине договорот со Израел

Повеќе од 2.000 европски академици и 45 организации ја поддржаа петицијата со која се бара од Европската комисија да го раскине Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, со цел да се прекине институционалната поддршка за израелските академски институции, обвинети за соучесништво во кршењето на човековите права.

Како што објави Француската асоцијација на академици за почитување на меѓународното право во Палестина (AURDIP), петицијата се појавува во контекст на војната во Појасот Газа, за која иницијаторите на повикот велат дека предизвикала „невиден број жртви и уништување“, а Израел го обвинуваат за „културен, научен и академски геноцид“.

„Додека израелската армија намерно ги уништува палестинските универзитети, израелските академски институции продолжуваат да добиваат финансиска поддршка од Европската унија“, се вели во петицијата, во која се нагласува дека Израел добил над 2,6 милијарди евра преку европските фондови од 2007 година, вклучително и 120 милиони евра по октомври 2023 година.

Академиците посочуваат дека овие средства директно придонесуваат за развојот на израелските воени технологии, а со тоа и за интензивирање на конфликтот. Се повикува ЕУ да го откаже статусот на Израел како асоцирана земја во рамки на програмата „Хоризонт Европа“, и да ја прекине целата институционална соработка со израелските универзитети.

Сепак, петицијата прави разлика помеѓу институциите и индивидуалните научници, и повикува на поддршка за израелските академици кои критички се осврнуваат на политиките на својата држава, како и за палестинските академски заедници, чија инфраструктура е речиси целосно уништена.

Се бара ЕУ да преземе водечка улога во обновата на уништените палестински универзитети, обезбедувајќи средства, експертиза и политичка поддршка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот