
Повеќе од 1.000 уапсени поради смртоносните протести за цените на горивото во Ангола
Пет луѓе загинаа, а повеќе од 1200 беа уапсени за време на масовните дводневни протести во главниот град на Ангола, Луанда, поради наглото зголемување на цените на горивата, соопшти денеска полицијата, пренесе Би-Би-Си.
Препорачано
Протестите започнаа во понеделникот, откако владата ја зголеми цената на дизелот за над 30 проценти, што предизвика скок на цените на јавниот превоз, особено на мини-автобусите, од кои зависат многу граѓани.
Полицијата соопшти дека уапсила стотици демонстранти заради, како што наведува, „немири, вандализам и кражба во продавници“. За време на протестите биле оштетени возила и блокирани патишта, но според властите, редот е повторно воспоставен во поголемиот дел од градот.
Ова не е прв бран незадоволство – слични протести се одржаа и претходно во јули, кога Хјуман рајтс воч ја обвини анголската полиција за прекумерна употреба на сила врз претежно мирни демонстранти.
Анголските безбедносни сили често се критикувани за насилно задушување на протестите, додека земјата останува под власт на Народното движење за ослободување на Ангола (МПЛА), кое е на власт без прекин од независноста во 1975 година.