
Повеќе може да биде подобро
Деновиве, пропадна уште еден обид голем светски проблем да биде решен со дипломатија, односно на мирен начин. Лекцијата која ќе ја научи Иран од војната со Израел и со Америка е дека требало многу порано да изгради нуклеарна бомба, за никогаш никој да не се осмели да го нападне.
Во теоријата за меѓународната политика, Кенет Валтз е човекот кој прв ја лансира тезата дека „бидејќи сила Бога не моли, што повеќе нуклеарно вооружени држави, тоа подобро за светскиот мир“. Автор на брилијантната книга „Човекот, државата и војната“ објавена во 1959 година, за која некој има кажано дека би ја понел на пуст остров ако мора да избере само една книга, Валтз ќе каже дека „повеќе може да биде подобро“. Зошто? Како и за секој човек, така и за секоја држава, опстанокот е примарната цел. Овој интерес да се опстане, ги тера политичарите и генералите по секоја цена да избегнат војна со противник кој има нуклеарно оружје.
Препорачано
Бидејќи никој не верува дека може да преживее во нуклеарна војна, стравот од взаемно уништување создава услови за мир. Истакнат претставник на реалистичката школа на меѓународната политика, Кенет Валтз смета дека државите се рационални актери на меѓународната сцена,, а нивната основна задача е самозачувување. Аргументот на Волтз е дека стравот од војна помеѓу две нуклеарни сили е толку голем што ќе ја спречи зашто со неа ништо не може да се добие, а сѐ може да се изгуби. Оттаму, според Валтз ширењето на нуклеарното оружје треба да се смета за нешто позитивно.
Спротивставувајќи им се на здраворазумските предвидувања дека со нуклеарно оружје светот ќе биде поопасен, тој го тврди спротивното – нуклеарното оружје е гарант на мирот. Постоењето на нуклеарен арсенал за „втор удар“ ги обесхрабрува државите да тргнат во војна. Тој пишува дека во нуклеарниот свет никој не е сигурен дека нема да биде уништен. Оттаму и неговиот заклучок дека нуклеарното одвраќање е основната причина за мирот помеѓу големите сили и дека „со повеќе нуклеарни држави светот ќе има побезбедна иднина“.
Знаеме како завршија оние кои се откажаа од своите нуклеарни програми како Гадафи, Садам Хусеин или Асад, а каков третман имаа Ким Јонг Ун од Северна Кореја со чие пријателство се гордее и американскиот претседател Доналд Трамп. Причина: првите немаат, а вториот има нуклеарно оружје. Деновиве, пропадна уште еден обид голем светски проблем да биде решен со дипломатија, односно на мирен начин. Наспроти вообичаеното мислење, лекцијата која ќе ја научи Иран од војната со Израел и со Америка е дека требало многу порано да изгради нуклеарна бомба, за никогаш никој да не се осмели да го нападне. Сега, повеќе отколку порано, ќе копа со раце и со нозе целта да ја оствари.
Либертас
(Авторот е професор и прв министер за надворешни работи)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“