Пензионери/ Фото: МИА

Посмртнината е само времено намалена, 5.000 денари ќе бидат исплатени во јули!

Пред пандемијата просечно умираа 1.200 пензионери месечно и собраните пари од солидарниот фонд беа доволни за исплата на посмртната помош, но заради коронавирусот смртноста изнесува по 1.800 пензионери месечно.

Петте илјади денари за посмртнина, кои што им се намалени на пензионерите од солидарниот фонд, ќе им бидат дополнително вратени на семејствата кога фондот ќе се стабилизира, затоа што одлуката е привремена, објаснуваат  за „Слободен печат“ од Одборот на регистрирана организација за солидарен фонд и членарина. Оттаму велат дека парите за посмртнина не се трајно намалени од 30.000 на 25.000 и според одлуката, семејствата на починатите остатокот ќе го добијат во јули доколку во меѓувреме не дојде до промена на времената мерка.

Надлежните објаснуваат дека до пред пандемијата не се појавувал кусок на собраните пари во солидарниот фонд. Умирале просечно по 1.200 пензионери месечно, а со појавата на коронавирусот смртноста се зголемила на околу 1.800 лица што е зголемување од 50 отсто. Со издвојување на по 120 денари месечно парите биле доволни за исплата на посмртнината, но по пандемијата се појавил кусок, па семејствата на починатите мораат да чекаат и по четири месеци за да ја добијат посмртната помош. Сега месечно во солидариот фонд пензионерите одделуваат по 150 денари месечно.

– Со цел да се помогне на примателитите да се намали времето на чекање, одборот донесе времена одлука да им помогне на семејствата и да им се исплати најголем дел од отпремината од 25.000 денари, а 5.000 денари дополнително ќе почнат да се исплатуваат со исплатата на јулската пензија, по редослед на поднесените барања и во зависност од расположивите средства. Според тоа, не е вистина дека е намалена посмртната помош од 30.000 денари на 25.000 денари трајно, што непотребно создаде немир и забуна меѓу пензионерите – вели Ментор Ќоку од Одборот за солидарен фонд.

Оттаму објаснуваат дека парите за солидарен фонд се обезбедуваат од корисниците на пензија врз основа на нивната согласност и се уплатуваат на посебна потсметка во рамките на трезорската сметка. Тие пари се користат намеснки само за исплата на посмртната помош.

– За сите прашања од солидарниот фонд одлучува Одборот на регистрираната организација, кој е составен од пензионери од четирите сојузи во нашата држава. Обемот на тие средства зависи од акумираните пари и од бројот на починати корисници на пензија – велат од одборот.

Оттаму додаваат дека согласно член 116 од Законот за пензиско инвалидско осигурување исклчучиво Одборот е надлежен да ја утврди висината на задршката и висината на посмртнината, а во зависност од акумулираните средства и смртноста на пензионерите.

Од задршката на 307.000 пензионери месечно се собираат по 43 милиони денари, а за исплата на 30.000 денари за 1.800 корисници месечно се потребни 54 милиони денари.

Деновиве дел од здруженијата на пензионерите реагираа дека не биле информирани навреме за одлуката и искажаа револт од намалувањето на надоместокот, па и намера да излезат на протест. Но, во одборот велат дека одлуката е донесена во координација со четирите сојузи на пензионери во Македонија, преку кои сите пензионери се навреме и точно информирани дека мерката е времена и дека семејствата дополнително ќе ги добијат скратените пари.

Завчера реагираше и Здружението на инвалидски пензионери од Штип дека посмртнината е намалена без да бидат консултирани здруженијата во внатрешноста на државата и побара одлуката да биде повлечена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот