
Порано имавме понижувачки, а денес имаме договори со кои сме горди, вели Митева од ВМРО-ДПМНЕ
Портпаролката на Владата и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, договорот за стратешко партнерство со Велика Британија го нарече „дипломатска и историска победа за Македонија“.
Препорачано
„Нешто што во минатото беше дипломатија која што симболизираше некои кратки средби коишто имаа само фото вест. Денеска ние ги претвораме во стратешки документи, нешто што значи навистина долготраен и долгогодишен развој на нашата Македонија“, рече Митева во гостување на „Алфа“.
Според неа, договорот е важен од политички, но и од економски аспект. Митева вели дека во минатото сме имале „состојба на договори коишто за нас значеа понижување, денеска имаме договори коишто за нас и нашите граѓани значат гордост“.
„Има два моменти тука коишто би можела да ги издвојам тука, а тоа е од една страна политичкиот и од друга страна оној економскиот. Да дадам некоја дефиниција за политичкиот момент, ќе кажам дека после долги години на изолација, успеавме Македонија да не биде пасивен би кажала набљудувач на маргините, туку да биде активен партнер со нашите глобални сојузници. И ако во минатото ние имавме состојба на договори коишто за нас значеа понижување, денеска имаме договори коишто за нас и нашите граѓани значат гордост. И тоа ме радува и за тоа сум исклучително горда, пред се како граѓанин, а потоа и како човек којшто е гласот на народот преку оваа позиција на која што сум во моментов“, рече Митева.