
Поранешниот стипендист на Сорос, Виктор Орбан, ќе ja „елиминира“ фондацијата во Унгарија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, во чија биографија пишува дека бил корисник на стипендија од Фондацијата Отворено општество на американскиот милијардер Џорџ Сорос, денеска изјави дека „целата мрежа на Сорос“ во државата „мора да се елиминира“.
Препорачано
Зборувајќи за државното радио, Орбан ја поздрави „транспарентноста која ја донесе администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп со објавувањето на деталите за финансиските придонеси на странски субјекти, вклучувајќи унгарски организации“.
„Она што сега го гледаме е поплава од информации кои го потврдуваат она во што веќе се сомневавме“, рече тој во говорот со препознатливи елементи на параноја, обвинувајќи странски актери, меѓу нив и „невладини организации поддржани од Брисел и милијардерот Џорџ Сорос“, дека работат на поткопување на унгарската влада.
„Тие добиваат пари од повеќе извори: од американската влада, мрежата на Сорос и фондовите на Европската Унија. А за што се користат тие пари? За јакнење на левичарските сили и обиди за уривање на нашата влада“, рече Орбан.
Унгарскиот премиер рече дека неговата влада ќе преземе решителни мерки како одговор на овие наводни закани.
„Мораме да ги исчистиме тие мрежи од Унгарија. Нивната цел е јасна – сакаат влади во овој регион кои им служат на нивните интереси, а не на интересите на нивните народи“, рече Орбан.
Тој го повтори својот став за нелегалните миграции, истакнувајќи дека Унгарија веќе долго предупредува на опасноста од неконтролираните миграции. Според него, актуелната миграциска рамка на ЕУ е „суштински фалична“.
„Единствениот начин тоа да се смени е преку отпор. Полска го суспендираше пактот за миграциите, а сега дури и Германија расправа за тоа. Мора повеќе да следува“, заклучи Орбан.
Наспроти отвореното непријателство кон фондацијата на Сорос кое го демонстрира во изминатите години, во биографијата на унгарскиот премиер пишува дека тој како млад политичар кој учествувал во уривањето на комунистичкиот режим во Унгарија, на крајот на 80-тите години на минатиот век добил грант за истражување од Фондацијата Отворено општество, а таа потоа му го платила школувањето на престижниот Универзитет Оксфорд, доделувајќи му стипендија за изучување на политичката филозофија.
„Орбан дипломирал право на Универзитетот во Будимпешта во 1987 година. Следната година тој добива фелоушип-стипендија од истражувачка група во централна и источна Европа спонзорирана од Фондацијата Сорос, продемократска организација создадена од финансиерот Џорџ Сорос. Орбан, исто така, е основачки член на антикомунистичката Федерација на млади демократи (Фидес). Во 1989 година тој добива стипендија од Фондацијата Сорос за да студира политичка филозофија на Универзитетот во Оксфорд“, пишува во написот за Орбан во енциклопедијата „Британика“.