
Поранешните членови на бендот „Полис“ го тужат Стинг: Бараат надомест од милиони долари
Поранешни членови на британскиот бенд „Полис“, гитаристот Енди Самерс и тапанарот Стјуарт Коупленд, поднесоа тужба против поранешниот колега од бендот Стинг, барајќи надомест за наводната загуба од неколку милиони долари за авторски права и нивната работа во музичката група, објави „Мирор“ повикувајќи се на судски документи.
Препорачано
Самерс и Коупленд го тужеа Стинг во Високиот суд во Лондон по години правни битки, а во тужбата се наведува дека парите што ги бараат двајцата музичари доаѓаат од „општи комерцијални договори и аранжмани“.
„Адвокатите постојано се обидуваа да постигнат вонсудска спогодба, но тоа не беше можно. Енди и Стјуарт одлучија дека нема друга алтернатива освен да одат на суд и да кажат дека Стинг им должи милиони долари за изгубени авторски права“, изјави неименуван извор.
Портпаролот на Стинг негираше дека правната постапка е поврзана со хитот „Every Breath You Take“, но не даде детали.
Бендот „Полис“ има продадено над 75 милиони плочи, а нивниот последен студиски албум, „Synchronicity“ од 1983 година, беше најпродаваниот албум во Велика Британија, Канада, Австралија и Италија, додека само во САД се продадоа осум милиони примероци.
Бендот, исто така, распродаде турнеи низ целиот свет, заработувајќи милиони, пред да се распадне во 1986 година.
Стинг подоцна призна дека се однесувал како „добронамерен диктатор“ во рамките на групата, што, според него, не било лесно за другите членови.
„Заедно имавме оваа фантастична авантура и поминавме низ толку многу работи и успеси. Бевме мала герилска единица, бевме во војна и го правевме тоа на свој начин, без многу помош. Затоа ме растажи кога го видов како се распаѓа поради егото, моето и нивното. Сè уште ме растажува“, рече тој во едно интервју пред четири години.