
Поранешната министерка контра актуелниот министер: Ќе ја одглават ли законските измени реконструкцијата на Универзална сала?
Доколку се усвојат измените на Законот за култура, Министерството ќе има надлежност да ја доизгради салата, тврди министерот Зоран Љутков, додека за ексминистерката Бисера Костадиновска Стојчевска со документацијата е сѐ кристално чисто и Министерството кога сака може да ја продолжи реконструкцијата.
Утре на седница на републичкото Собрание треба да се усвојат измените на Законот за култура, со кои, меѓу другото, треба да се овозможи Министерството за култура и туризам да гради не само национални туку и јавни објекти. Со тоа би се отстранила една од пречките за да продолжи реконструкцијата на Универзална сала, затоа што според министерот Зоран Љутков во моментов Министерството нема законска надлежност да гради објекти од локален интерес.
Препорачано
Тој тврди дека работата со реконструкцијата е запрена само да терен, но дека се работи на неколку постапки што ќе овозможат изградбата да продолжи.
Заплеткана е многу таа постапка со Универзална сала и ќе мора да бидеме крајно внимателни кога преземаме некои обврски од минатото што не се баш законски и легални. И не сакам да се случи нешто како во Србија за еден објект што е реконструиран. Сепак не се работи за нова градба, станува збор за реконструкција и треба да бидеме екстремно внимателни во тоа што преземаме и како ќе ги водиме понатаму постапките – вели Љутков.

Министерот на последната прес-конференција објасни дека треба да поминат измените на Законот, но треба да се донесе и уште една одлука во Град Скопје.
Треба да се донесе уште една одлука од Град Скопје, каде што ќе се даде трајно преземање во делот на градењето во овој процес додека се гради, значи да нема заедничко градење. Министерството треба комплетно да го преземе градењето, целата постапка и кога ќе го заврши објектот, да го врати – тврди министерот, кој нагласи дека не треба да се брза затоа што брзањето може да донесе нешто што никој не сака да се случи, па затоа, како што вели, „подобро да трае малку подолго, но да имаме објект што ќе биде здрав и легално донесен“, без да прецизира кога би продолжила изградбата и кога Универзална сала повторно би ги отворила вратите за посетителите.
Костадиновска Стојчевска: Нема законски пречки да продолжи реконструкцијата
Поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска тврди дека сѐ е кристално чисто со документацијата околу Универзална сала и дека Министерството може кога сака да ја продолжи реконструкцијата.
Нема никакви законски пречки да ја продолжи реконструкцијата. Има одлука на Советот на Град Скопје, иницијативата, има втора одлука на Советот којашто е потребна, има одлука на Владата, има одобрение за промена на инвеститор, има одобрение за платени комуналии за дополнителните квадрати, ние тоа го плативме како нов инвеститор, договорот со изведувачот е уште активен, не е раскинат. Цела документација е кај него, него ништо не го спречува да ја реконструира. Законски пречки нема. Има во документите позитивно мислење од транспорт и врски, позитивно мислење од правобранител, од секретаријат од секаде има позитивни мислења дека имаме право правото на реконструкција да го преземеме и да градиме – објаснува Костадиновска Стојчевска.

Измените на Законот нема ништо да променат во однос на изградбата на Универзална, затоа што, како што тврди, тие измени нема да важат ретроградно, туку по осум дена откако ќе се донесат. Поранешната министерка и актуелна пратеничка вели дека всушност Љутков сака да ја реализира организацијата на Скопје – европска престолнина на културата 2028 година, а за таа цел Министерството целосно да ја преземе Универзална сала, што не е во согласност со Законот од 2005 година за децентрализација на институции од областа на култура.
Ние имаме документи дека се презема само правото на реконструкцијата и таква е одлуката на Советот. Нам не ни беше целта да ја владееме Универзална сала затоа што тоа е спротивно на Законот за децентрализација од 2005 година, кога Универзална, КИЦ, Зоолошка, МКЦ и Музејот на град Скопје со децентрализација се одземени од Министерството за култура и му се предадени на Град Скопје. Тој сака да го премости тој закон и сака Европска престолнина на култура 2028 да биде дело на Зоран Љутков. Не е тоа проблем, има и други начини тоа да го прави. Универзална е поголема работа од Данела, не е ни моја ниту негова, Универзална е на сите. Мојот впечаток е таков имајќи ја цела документација предвид, имајќи предвид дека цела фама околу Универзална и мене им падна во вода. Правото за реконструкција веќе е под Министерство додека не се реконструира, изрично кажано дека по реконструкција се враќа во градот. Значи со правото на реконструкција, тој може да ја изгради, само не сака да ја врати во владение на градот – тврди Костадиновска Стојчевска.
Како што објаснува и досега Министерството за култура градело во единиците за локална самоуправа, но дека тие пари мора да се доделат на конкурс, кој го објавува Министерството, а градоначалниците аплицираат со проекти. На тој начин биле, на пример, реконструирани киното во Валандово, Домот на култура во Чашка, во Кратово урбана опрема.
Советот на Град Скопје нема информација дека треба да се носи уште една одлука
Каква одлука очекува министерот Љутков да се донесе во Град Скопје со која, како што вели, ќе се даде трајно преземање во делот на градењето додека се гради Универзална сала, не е познато за претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, иако ваква одлука би требало да изгласаат советниците.
Не ги знам тука работите, се заплеткаа работите, потпишаа со Костадиновска договор со кој Град Скопје ја преотстапува Универзална на Министерството за култура додека ја реконструира, ние изгласавме таква одлука. Што и како се случува, сега не знам. До нас не е стигната таква информација – вели Славески.
Веќе започнува десеттата година откако култната сала беше затворена за концерти, театарски претстави и други случувања од областа на културата, кога од таванот започнаа да паѓаат делови и се увиде дека ѝ е неопходна целосна реконструкција.
Толку време се смислуваа и поништуваа проекти, а пред повеќе од три години при крајот на мандатот на градоначалникот Петре Шилегов започна реконструкцијата, која актуелната градоначалничка Данела Арсовска ја запре, па потоа привремено Градот му ја предаде на Министерството за култура, кое требаше да ја доврши реконструкцијата и да му ја врати на Градот. Сега на терен работите се повторно запрени, а од Универзална сала во моментот постои само новопоставената железна конструкција.
Ни најоптимистички расположените граѓани повеќе не веруваат дека објектот некогаш повторно ќе ги отвори вратите за културни настани.
Од многу „реконструкции“, Универзална сала остана само железен костур