
Поради Гренланд Данска го избра француско-италијанскиот систем за воздушна одбрана наместо американскиот „Патриот“
Данска одлучи да го набави француско-италијанскиот систем за воздушна одбрана SAMP/T наместо американскиот „Патриот“, што е голема победа за Париз и удар за американскиот претседател Доналд Трамп, пишува денес Политико.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Данските вооружени сили создаваат систем за воздушна одбрана што може да ги заштити цивилите, воените цели и критичната инфраструктура од закани од воздух“, објави денес данското Министерство за одбрана.
Како што се додава во соопштението, SAMP/T ќе биде набавен како систем со долг дострел, а кога станува збор за системи со среден дострел, ќе бидат избрани норвешкиот производител NASAMS, германскиот IRIS-T и француската компанија VL MICA.
Како што наведува Политико, конкуренцијата на SAMP/T и системот „Патриот“ беше следена со внимание бидејќи беше првиот тест за подготвеноста на Европа да ги ограничи купувањата од САД, со што реагираше на несигурноста на Трамп.
Копенхаген е исто така цел на американскиот претседател, бидејќи тој постојано се закануваше дека ќе ја анектира автономната данска територија Гренланд.
Изборот на Данска во врска со системот за воздушна одбрана е исто така победа за Париз, бидејќи новоизбраниот француски премиер Себастијан Лекурни, додека беше министер за одбрана, интензивно лобираше кај другите европски земји и ги уверуваше дека системот SAMP/T од новата генерација е подобар од „Патриот“, оценува порталот од Брисел.
Данска е првата европска земја, веднаш по Франција и Италија, која ќе купи системи SAMP/T произведени од MBDA и Thales.
„Овие системи беа избрани врз основа на целокупна проценка на оперативните, економските и стратешките фактори“, објави данското Министерство за одбрана.
Се проценува дека вкупните трошоци за купување и работење на системот за воздушна одбрана изнесуваат 58 милијарди круни (7,7 милијарди евра), според Политико.