
Помор на риби во Брегалница, риболовците од Делчево ги алармираат надлежните
Угинати риби поради загаденост на водата на реката Брегалница во Делчево утрово регистрираа членови на Спортско-риболовното друштво ,,Брегалница”. Оттаму велат дека станува збор за помор и алармираа за итна постапка од надлежните во врска со моменталната состојба во реката Брегалница.
Препорачано
Појавата е забележана и од граѓани кои живеат близу до реката, кои велат дека веќе подолг период во речното корито се забележливи мрсни дамки, кои според нив можат да укажат која е причината за загаденоста на водата.
За случајот, како што додадоа, е запознаен Државниот инспектор за животна средина кој најавил посета на местото каде се пронајдени угинатите примероци.
Претседателот на Советот на општина Делчево, Гоце Попов најави дека на седницата на Совет закажана за в понеделник, ќе побара од координаторите на советничките групи да биде вметната на дневен ред точка на која ќе се разгледува моменталната состојба на реката Брегалница, по што добиениот заклучок со препораки ќе биде проследен до надлежните.
Појавата на угинати риби е редовна во летниот период во изминатите две години во Делчево. Дел од граѓаните сметаат дека тоа се должи на намалениот водостој на реката, додека повеќето велат дека станува збор за намерно загадување.