Доналд Туск, полски премиер / Фото: EPA-EFE/PAWEL SUPERNAK POLAND OUT

Полска во политичка криза: Туск одбива да коленичи пред Трамп, кажа дека нема да испрати трупи во Украина

Растат тензиите меѓу проевропската центристичка влада на полскиот премиер Доналд Туск и националистичката опозициска партија на претседателот Карол Навроцки.

Полскиот премиер Доналд Туск по денешниот Самит на „Коалицијата на волните“ соопшти дека Полска нема намера да испраќа војници во Украина и посочи дека „нема да разговара со никого на колена“, алудирајќи на средбата во средата меѓу полскиот и американскиот претседател во Вашингтон, на која тој не беше поканет, објави Анадолија.

Растат тензиите меѓу про-ЕУ центристичката коалициска влада предводена од Туск, сега речиси на половина од четиригодишниот мандат, и националистичката опозициска партија Право и правда (PiS) на претседателот Карол Навроцки кој победи на претседателските избори летово, неочекувано поразувајќи го кандидатот на Туск.

Зеленски: Територијалните отстапки би биле појдовна точка на Путин за понатамошни офанзиви

Трамп не го сака Туск

Навроцки ја посети Белата куќа во средата на покана од американскиот претседател Доналд Трамп. Двајцата лидери разговарале за соработка во безбедноста, енергетиката и за развојот на трговските односи меѓу Полска и САД.

– Трамп е единствениот лидер денес што е способен да преговара со (рускиот претседател Владимир) Путин (во услови на тековната војна меѓу Москва и Киев) – изјави Навроцки по средбата во Белата куќа, додавајќи дека американскиот претседател бил отворен за неговите ставови околу Русија.

Во меѓувреме, на прес-конференција во Вашингтон, соработници на Навроцки изјавиле дека Туск не бил добредојден во Белата куќа.

„Отишле на аџилак за да им објаснат колкаво чудовиште сум јас“

Запрашан за овие коментари и за неговата проценка на претседателската посета, на прес-конференција по состанокот на „Коалицијата на волните“ во Париз, Туск ги појасни своите прицнипи.

– Имам принцип и се обидувам да се држам до него, а тоа е дека Полјаците не зборуваат лошо за Полјаци, особено не кога се ангажирани во меѓународни мисии. Добро знаеме колку „аџилак“ од Право и правда имало во Вашингтон за да им објаснат на нашите американски партнери какво чудовиште сум јас. Можеби тоа имало некакво влијание – изјави тој.

Сепак, тој додаде дека е подготвен да ги поддржи акциите на Навроцки.

– Секогаш сме подготвени да ја поддржиме претседателската мисија, без разлика кој ја води. Засега, нема волја за соработка од таа страна, да бидеме искрени. Ќе продолжам да ги охрабрувам и опозицијата и претседателот да дејствуваат во солидарност околу меѓународните прашања – појасни полскиот премиер.

Туск додаде дека „без разлика дали станува збор за односите со Малта, Луксембург, САД или со Кина, Полска секогаш мора да се однесува достоинствено и со крената глава“.

– Јас нема да го сменам мојот став. Нема да разговарам со никого на колена – изјави Туск.

Безбедносни гаранции за Украина

По состанокот во Париз, Туск исто така истакна:

– Разговаравме за тоа како овие безбедносни гаранции (за Украина) да станат опипливи. Многу сум импресиониран од солидарноста, решителноста и од соработката. Разговаравме во мал тим, но лидерите на сите земји од Коалицијата на волните се обединија… Полска не планира да испраќа војници во Украина, но ние сме одговорни за логистиката; ние сме најголемиот центар за помош тука и сите го прифаќаат овој значаен придонес… Претседателот Трамп сака крај на војната, но нема резултати; изгледа дека Русија одолговлекува – рече тој.

Напорите предводени од САД за крај на војната во Украина продолжуваат од почетокот на вториот мандат на Трамп во јануари. Тој имал разговори со лидерите на Русија, Украина, како и на ЕУ, но камен-темелници за потенцијален договор остануваат безбедносните гаранции за Киев и територијалните разменувања.

Додека Русија, која бара ограничување на украинската војска и неутрален статус за Украина, одбива стационирање на сили на НАТО на украинска територија, Киев тврди дека нема да се откаже од никакви територии за мир.

Зеленски: Територијалните отстапки би биле појдовна точка на Путин за понатамошни офанзиви

Околу 10.000 американски војници се стационирани во Полска, иако извештаите сугерираат дека администрацијата на Трамп можеби сака да ја намали таа бројка.

Трамп во средата изјави дека нема да ги повлече американските војници од Полска, една од најпроукраинските земји во ЕУ. САД се клучен снабдувач на одбранбена опрема за Полска, а минатиот месец ја одобрија продажбата на опрема за F-35 во вредност од 1,85 милијарди долари за Варшава.

„Сите беа импресионирани од непријателската демонстрација“

Туск изјави и дека „сите беа импресионирани од непријателската демонстрација“, мислејќи на самитот во Кина.

– Другата страна политички се обединува. Ова не предвесува добро за идните меѓународни односи и токму затоа беше важно да се нагласи единството меѓу западните земји. Присуството на словачкиот премиер и унгарскиот министер за надворешни работи на оваа антизападна демонстрација во Пекинг изгледаше малку вознемирувачки – рече тој.

Кинескиот претседател Си Џинпинг во четвртокот прими неколку странски лидери во Пекинг, еден ден по големата воена парада со која беше одбележана 80-годишнината од крајот на Втората светска војна, јавија државните медиуми.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун – во својата петта посета на Кина – присуствуваше на парадата во Пекинг заедно со Си, Путин и со уште 26 други странски лидери.

Се одржа и билатерална средба меѓу Си и Ким, во услови кога врските на Северна Кореја со Русија се продлабочија во последниве години.

Ким имаше и четврти билатерален самит со Путин во Пекинг во средата, каде што севернокорејскиот лидер вети „целосна поддршка“ за Русија во војната со Украина.

Мерц: Згрешив за Путин, требаше побргу да ја сфатам заканата, уште кога изврши инвазија врз Крим

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!