руска армија во грузија EPA PHOTO EPA/STRINGER//jt/kr

Полска ја затвори границата со Белорусија пред почетокот на руско-белоруските воени вежби

Сите гранични премини меѓу Полска и Белорусија беа затворени синоќа, непосредно пред стартот на заедничките воени вежби на Русија и Белорусија. Според информациите на полскиот портал „Онет“, мерката опфаќа и патнички и товарен сообраќај, вклучително и железнички транспорт. Полска веќе ги имаше ограничено премините, оставајќи само два активни, а сега со целосно затворање властите велат дека постапуваат во насока на заштита на националната безбедност.

Министерот за внатрешни работи Марчин Киервински на полноќен брифинг изјави дека вежбите „Запад-2025“ се директно насочени кон Полска и Европската Унија. Тој предупреди дека Москва и Минск намерно ја зголемуваат тензијата на источната граница на НАТО.

Руски дронови ја пробија полската одбрана

Дополнителна причина за загриженост е последниот упад на 19 руски беспилотни летала во полскиот воздушен простор на 10 септември. Тоа беше првпат полските воздухопловни сили да соборат руски дронови од почетокот на војната во Украина. Инцидентот Варшава го оцени како „намерен напад“ и како одговор го активираше Член 4 од НАТО, што овозможува консултации во случај членка да се чувствува загрозена.

Киервински посочи дека одлуката за затворање на границата била донесена уште на 9 септември, односно пред воздушниот инцидент, но дека овој чин уште еднаш ја потврдува исправноста на мерката.

Стравови од повторување на 2021 година

Иако Москва и Минск ги претставуваат маневрите како одбранбени, западните аналитичари предупредуваат дека ваквите вежби во минатото често служеле за маскирање на агресивни намери. Токму за време на „Запад-2021“ Русија ги финализираше подготовките за инвазијата врз Украина што започна во февруари 2022 година.

Вежбите „Запад“, кои традиционално се одржуваат на секои четири години, повеќе од една деценија се предмет на внимателно следење од НАТО и ЕУ, особено од источните членки како Полска, Литванија и Латвија. Овојпат, со затворени граници и активиран механизам за консултации во НАТО, Варшава испраќа јасна порака дека подготвеноста за одбрана е врвен приоритет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот