Доналд Туск/ Фото: EPA-EFE/Marcin Obara

Полска: Гласање за доверба на владата на Туск на 11 јуни

Полскиот премиер Доналд Туск денеска соопшти дека гласањето за доверба на неговата влада – кое го повика откако националистичкиот кандидат победи на претседателските избори – ќе се одржи на 11 јуни.

-Гласањето за доверба на владата ќе се одржи во среда, 11 јуни, рече Туск пред почетокот на состанокот на кабинетот.

Според официјалните резултати објавени во понеделник, Карол Навроцки, кој ја има поддршката од опозициската националистичка партија Право и правда (ПиС), освои 50,89% од гласовите, во споредба со 49,11% за проевропскиот Рафал Трашковски, во вториот круг од претседателските избори.

Успехот на националистичкиот кандидат е во спротивност со проевропската посветеност на Полска под водство на Туск и нејзината поддршка за Украина.

Лидерот на ПиС, Јарослав Качински, рече дека резултатот од изборите е „црвен картон“ за владата и повика на формирање „неполитичка, технократска влада“ со следните парламентарни избори во Полска закажани за 2027 година.

Доналд Туск, сепак, вети дека ќе продолжи да управува со земјата.

„Првиот тест (за владата) ќе биде гласањето за доверба што наскоро ќе го побарам од парламентот“, рече Туск во телевизиско обраќање во понеделник вечерта, без да прецизира кога тоа ќе се случи.

„Нема да ја прекинам мојата работа како премиер ниту за минута и нашата заедничка борба за Полска од нашите соништа: слободна, суверена, безбедна и просперитетна“, нагласи тој, изразувајќи надеж дека ќе може да соработува со новоизбраниот претседател.

„Сакам сите да видат, вклучително и нашите противници во и надвор од земјата, дека сме подготвени за оваа ситуација, дека ја разбираме сериозноста на моментот, но немаме намера да се повлечеме ниту еден сантиметар“, додаде тој.

Во Полска , претседателот има петгодишен мандат и широки овластувања, вклучувајќи го претставувањето на земјата во странство, обликувањето на надворешната политика, назначувањето на премиерот и кабинетот и тоа што е врховен командант на вооружените сили во случај на војна. Тој може да стави вето и на закони.

Многу реформи што ги замисли Туск, поранешен претседател на Европскиот совет избран во 2023 година, веќе се блокирани поради противењето на полскиот претседател во заминување Анджеј Дуда.

„Претседателството на Навроцки ќе биде тежок период за владата на Туск“, рече аналитичарот Пјотр Бурас. Според него, резултатот од претседателските избори би можел да доведе до „предвремени парламентарни избори, можеби не оваа година, туку следната година“.

Американскиот претседател Доналд Трамп денес ѝ честиташе на Полска, која избрала „ПОБЕДНИК“, нагласувајќи во објавата на Трут Сошал дека Навроцки е претставен како „сојузник на Трамп“.

Трамп му честиташе на Навроцки за победата во Полска: Избравте победник

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот