
Полковник Ковачки: од војник на Армијата, до војник на партијата!
Во партизирано општество, од што секако боледува и нашето, голем број поединци стануваат партиски членови за да стигнат до одредена функција, особено кога се работи за некоја државна институција. Но во неколку од нив, откако ќе се дојде до одговорна позиција, би требло да се заборави на партиската припадност, затоа што таа функција носи одговорност за сите граѓани, или пак станува збор за институции каде од стручноста на поединците зависат судбините и животите не само на вработените, туку и на сите граѓани во државата. Меѓу таквите се секако Полицијата и Армијата.
Кај полковникот Драган Ковачки за чудо има обратен процес. Откако достигнал значителна професионална кариера во АРМ, сега оди во рикверц. Имено наместо воената служба, повеќе ја претпочита партиската кариера. Освен ако зад овој потег на офицерот Ковачки не стојат други, повисоки амбиции од оние по вертикала во Армијата, на која сеуште и припаѓа.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Не навлегувајќи во стручна терминологија, лаички кажано Драган Ковачки во овој момент дејствува како „двојна личност“. Од сабајле (до крајот на работното време) е висок офицер на АРМ, а попладне е висок партиски функционер во ВМРО ДПМНЕ. Што ли е Ковачки -на пладне?
Ако ја погледнете воената кариера на полковник Ковачки, ќе видите дека станува збор за успешен офицер школуван во странство, кој работел на високи позиции во македонската Армија, но и во рамки на меѓународни мисии под раководство на САД, како и со други партнери, заради што е и одликуван.
Но што се случува со Драган Ковачки откако го „помилува раката“ на ВМРО ДПМНЕ и станува член на ИК на партијата? Веднаш станува партиски кандидат за заменик технички минисртер во МВР, што и не е некоја висока и трајна позиција, во споредба на она што Ковачки го има стекнато досега.
Но како и да е сега тој е висок во АРМ, и висок во ВМРО. Од тогаш наваму, по тој „допир со вистината“, се случува една зачудувачка трансформација, низ која тој од војник на Армијата, се претвора во војник на партијата. За него одеднаш наместо Армијата, партијата станува се, пред се и над се! Тоа може да се заклучи според заканите кон неговите сегашни старешни, но и од отворената „војна“ со министерката за одбрана!
Затоа и вели: „Долга е раката на ВМРО“! Или со други зборови: „Само ако вам, таму во АРМ, ви дојде ВМРО!.. Бррррр! Страв да те фати.
За да биде јасно, мора да се нагласи дека, (а секој што служел воен рок знае) во секоја армија на светот, субординацијата е прв и највисок „закон“ според кој таа функционира. Ковачки како висок и долгогодишен офицер тоа го знае. Но тоа за него како веќе да не важи. За него сега постои само субординација- во партијата. Наместо на началникот на Генералштабот на АРМ, сега му се повинува на претседателот на ВМРО- ДПМНЕ.
И навистина, што ако ВМРО повторно дојдат на власт, што ќе се случи со АРМ, под Ковачки, бидејќи очигледно неговите амбиции одат натаму? Веројатно ќе ја среди онака како што еднаш неговата партија ја среди МВР?
Уште се свежи сеќавањата на тогашната министерка за која МВР-О и ВМРО беа едно те исто. Но сега веројатно според Ковачки наместо МВРО-ВМРО ќе добиеме ВМРО-АРМ.
Постојат дват типа партизација. Едниот е кога институциите на државата се полнат со партиски кадри, а вториот кога над државните институции е поставена партијата.
Очигледна е постојаната тенденција на челниците на ВМРО ДПМНЕ за целосна партизација на институциите на државата од вториот вид, зашто тие така ја замислуваат државата- старо комуњарски: Државата, тоа е всушност нашата партија. И ние сите треба да и служиме на партијата. Таа се грижи за нас и за државата. Нема што ние да му ја мислиме! Секој што се огрешил од партијата/ државата, ќе му се суди, по кратка постапка!? Затоа и лидерот на оваа партија Мицковски го подржува Ковачки во изјавата за долгата рака на ВМРО.