Фото: Фејсбук

Политичка битка околу грозјето: СДСМ нуди три денари плус, ВМРО-ДПМНЕ молчи

Лозарите мака мачат, ВМРО-ДПМНЕ да го прифати решението на СДСМ за дополнителни три денари за килограм грозје, се наведува во денешното соопштение на Центарот за комуникации со јавноста на СДСМ, од изјава за медиуми на Трајан Димковски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Денеска, кога се слави традиционалниот „Тиквешки гроздобер“, манифестација која потсетува на важноста на лозарството и винарството, за нашите лозари е ден на разочараност и неизвесност. Лозарите се оставени сами да се борат и со винариите и со државата. И по една недела, нема никаков одговор од владејачкото мнозинство во Собранието, за предлогот што ние, од пратеничката група на СДСМ, го поднесовме за дополнителна финансиска поддршка на лозарите од 3 денари за килограм – се наведува во соопштението до јавноста.

Според СДСМ додека бербата и откупот на винското грозје се ближат кон крајот, нема најава ниту дали, ниту кога ќе биде ставен на дневен ред предлогот за изменување на Законот за вино по скратена постапка, што е поднесена во Собранието.

Наместо да ги заштити лозарите, владата ги штити големите бизниси – винариите. Додека власта нема слух за 3 денари поддршка за лозарите, без проблем им даде 2 денари поддршка на винариите, велат од СДСМ.

Трајан Димковски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Лозарите алармираат дека одредени винарии имаат увезено вино и затоа се намалува откупот на винското грозје, иако сè уште не е завршена бербата.

Ја повикувам владата да провери и да одговори колку вино е увезено, од кога и за која намена. Недозволиво е, во сред берба, да се увезува вино, и одозгора на сè власта да ги наградува со 2 денари поддршка, а за лозарите, тие без коишто е невозможно производството на вино да нема финансиска поддршка. Владата и МЗШВ не ја објавија производната цена на грозјето, иако се законски обврзани да го сторат тоа. Со тоа, винариите беа ослободени од обврската да ја почитуваат методологијата која предвидува надомест од најмалку 25% над производната цена – истакна Димковски.

Наместо реална и законска цена, лозарите добија зголемување на основната цена од само половина денар. Во 2023 година лозарите добиваа два, три денари дополнителна субвенција, според него.

Повторно ги повикувам сите пратеници, особено мнозинството од ВМРО-ДПМНЕ, да го стават на дневен ред и да го поддржат предлог-законот за дополнителна поддршка од 3 денари и за укинување на одредбата што дозволуваше 8% намалување на откупната цена. Со овие измени директно им се помага на лозарите, да имаат исплатливо производство, да се обезбедат фер услови за откуп и да се спречат манипулации со нивниот труд – изјави Димковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот