
Полициски волонтер e осуден на доживотен затвор за силување и убиство на лекарка во Индија
Индиски суд денеска осуди полицаец-волонтер на доживотен затвор, откако го прогласи за виновен за силување и убиство на лекарка-стажантка минатата година, злосторство што предизвика протести низ целата земја поради несоодветната безбедност за жените и доведе до брзо судење во бавниот правосуден систем на земјата.
Препорачано
33-годишниот Санџај Рој, кој за време на судењето постојано тврдеше дека е невин, може да поднесе жалба на пресудата пред повисок суд.
Убиството на 31-годишната лекарка додека била на должност во болница во Калкута го истакна хроничното прашање на насилството врз жените во Индија. Телото на жената беше пронајдено лани во јуни, а обдукцијата откри дека таа била задавена и сексуално нападната.
Федералната полиција, која го истражуваше случајот, рече дека злосторството заслужува смртна казна. Родителите на жртвата, исто така, побараа смртна казна за Рој и рекоа дека се сомневаат дека повеќе луѓе се вмешани во злосторството. Случајот првично го истражуваше полицијата во Калкута, но подоцна судот им ја предаде истрагата на федералните истражители, откако службениците на државната влада беа обвинети за лошо водење на истрагата.
По нападот, лекарите и студентите по медицина низ Индија одржаа протести и собири барајќи подобра безбедност. Илјадници жени протестираа на улиците барајќи брза правда за жртвата. Рој беше уапсен еден ден по злосторството, а судењето за случајот започна во ноември. Нападот го натера Врховниот суд на Индија да формира национална работна група за да предложи начини за подобрување на безбедноста во државните болници.
Многу злосторства врз жените остануваат непријавени во Индија поради стигмата околу сексуалното насилство, како и поради недостигот на верба во полицијата. Активистите за женски права велат дека проблемот е особено акутен во руралните области, каде што заедниците понекогаш дополнително ги стигматизираат жртвите на сексуален напад, а семејствата се загрижени за нивната социјална положба.
Во 2012 година, групното силување и убиството на 23-годишна студентка во автобус во Њу Делхи поттикна масовни протести низ Индија. Тоа ги инспирираше пратениците да наредат построги казни за таквите злосторства, како и создавање на брзи судови посветени на случаите на силување. Владата, исто така, воведе смртна казна за повторливите престапници. Четворица мажи, кои беа осудени на смрт за злосторството во 2012 година, беа обесени во 2020 година.