Фото: МВР

Полицијата во потрага по лицето кое го вееше знамето на голема Албанија во Тетово

Полицијата е во потрага по лицето кое го вееше знамето на т.н голема Албанија при посетата на косовскиот премиер Албин Курти.

„Во врска со кривично – правниот настан од 11.08.2023 на Градскиот плоштад во Тетово, за кој во изминатите денови беа пласирани и бројни дезинформации и шпекулации, МВР ја информира јавноста дека на фотографијата обезбедена од полициските служби е лицето што го вееше знамето со т.н. „голема Албанија”. Ова е и начин да ги демантираме пласираните лажните вести дека сторителот на ова дело е припадник на МВР. Воедно, ги повикуваме сите граѓани доколку го забележат ова лице, имаат било какви сознанија за него или корисна информација која може да помогне во истрагата која СВР Тетово ја води во координација со Јавен обвинител, веднаш да известат во најблиската полициска станица или да пријават на телефонските броеви 192 или 112“, информираат од СВР Тетово.

Градоначалникот на Тетово Билал Касами пред една недела организираше голема манифестација за пречек на Курти. Тој објави фотографии од манифестацијата каде се гледа дека во Тетово некој од присутните веел знаме со картата на голема Албанија. На собирот се вееја и голем број на албански знамиња.

Курти од Тетово порача Северна Македонија да се држи до Косово, Албанија и Бугарија а да се дистанцира од Србија и од српскиот претседател Александар Вучиќ, со цел побрзо да влезе во Европската Унија.

Северна Македонија треба да биде што поблиску до Косово, Албанија и Бугарија, а подалеку од Србија која не се дистанцира од Милошевиќ и од Путин. Вака Северна Македонија ќе биде што поблиску до влез во Европската Унија а нашиот Балкански регион ќе биде побезбеден. Поради ова ние треба да ѝ помагаме и ќе ја поддржуваме Северна Македонија, изјави Курти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот