Фото: Фејсбук

Полицијата уапси тројца за претепувањето на охридскиот Бугарин Пендиков

Охридската полиција соопшти дека уапсила тројца жители на градот осомничени дека вчера го претепале Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот клуб во градот.

„Полициски службеници од СВР Охрид денеска (20.01.2023) по преземени мерки и активности во координација со ОЈО Охрид за расчистување на случајот со физички напад врз Х.П. (21) од Охрид, пријавен на 19.01.2023 околу 22.30 часот, ги приведоа С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид“, велат од МВР.

По целосно документирање на случајот до надлежното обвинителство во Охрид ќе биде поднесена кривична пријава.

Пендиков има тешки телесни повреди и со авион на бугарската влада беше пренесен во Софија на лекување. Тој тврди дека бил нападнат и претепан поради тоа што е секретар на бугарскиот културен клуб во Охрид.

Претходно, портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, изјави дека синоќа околу 22.30 часот во полицијата било пријавено дека тројцата приведени прво во, а потоа и надвор од посочениот угостителски објект, физички го нападнеле Х.П., кој притоа се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во охридската Општа болница, каде му била укажана лекарска помош.

Како што дознава МИА од извори во истрагата, против Х.П. во текот на декември полицијата покренела кривична пријава под сомнеж за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори” според член 215 од Кривичниот законик.

– СВР Охрид поднесе кривична пријава против Х.П. (22) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори. При преглед извршен во атарот на охридското село Лескоец, полициските службеници кај него пронашле и одзеле кокаин, се наведува во соопштение на СВР Охрид од 17 декември.

Како што објави претходно „СДК.мк“, синоќешниот инцидент во Охрид најверојатно претставува дилерско-криминална пресметка. Според очевидци во угостителскиот објект, синоќа околу 22:30 часот веднаш што во угостителскиот објект влегле тројцата денеска приведени, Х.П. почнал да ги пцуе и навредува, по што тие го извадиле надвор и го натепале, при што му била скршена вилицата.

Очевидците посочуваат дека при расправијата меѓу четворицата во ниту еден момент не станало збор за политика, за бугарски или македонски идентитет и јазик или за говор на омраза на таа тема. Инаку, полицијата, како што наведува „СДК.мк“, и за тројцата приведени има досиеја дека во повеќе наврати се пријавувани за нарушување на јавниот ред и мир.

Повредениот Пендиков ќе биде пренесен од Охрид во Софија со бугарскиот владин авион „Фалкон“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот