
Во автомобилот на популарен пејач пронајдено тело во распаѓање
Во багажникот на „Тесла“, наводно регистрирана на популарниот музичар Дејвид, во понеделникот било пронајдено тело во состојба на распаѓање. Полицијата го откри телото откако околу 12.20 часот по локално време примила повик за непријатен мирис кој доаѓал од дворот на служба за влечење возила во Холивуд.
Препорачано
Како што пренесува „Еј-би-си 7“, автомобилот бил регистриран во Хемпстед, Тексас, на име Дејвид Ентони Бурк, што е вистинското име на младиот музичар познат под уметничкото име D4vd.
Автомобилот бил запленет неколку дена пред полицајците да го пронајдат мртвото тело. Веднаш беше покрената истрага, а засега нема информации за идентитетот на посмртните останки кои биле пронајдени во предниот багажник на електричното возило.
Претставник на Дејвид за „Ен-Би-Си Лос Анџелес“ изјави дека пејачот соработува со властите во истрагата. „Дејвид е информиран за тоа што се случило. И, иако сè уште е на турнеја, во целост соработува со властите“, рече претставникот.
Музичарот наводно не знаел дека се случува нешто необично со неговиот автомобил и не е познато дали можеби некому му го позајмил возилото или тоа било украдено.
Дејвид (D4vd) се прослави во 2022 година кога ги објави сингловите „Here with Me“ и „Romantic Homicide“. Двете песни денес имаат милијарди слушања на „Спотифај“, а бројот на негови месечни слушатели надминува 33 милиони. Во април оваа година го објави и својот прв албум – „Withered“, а моментално се наоѓа на истоимената турнеја.
Само еден ден по пронаоѓањето на телото во неговата „Тесла“, Дејвид одржа концерт во Минесота, а се очекува да настапи и во Минеаполис во четврток.
Последен пат на социјалните мрежи се огласи во неделата, кога ја промовираше „делукс“ верзијата на својот нов албум.